Нафтата поевтинува втор ден по ред откако американскиот претседател Доналд Трамп сигнализираше можен мировен договор со Иран,.
Фјучерсите за суровата нафта „Брент” денес паднаа за 1,5 отсто, на 108,18 долари за барел, додека американската нафта „ВТИ” се намали за 1,6 отсто — на 100,60 долари за барел.
Поводот за падот е изјавата на Трамп дека операцијата за придружба на бродови низ Ормускиот Теснец привремено се паузира, со образложение дека се забележува напредок кон сеопфатен договор со Иран. Деталите за евентуалниот договор засега не се познати.
Аналитичарите предупредуваат дека и покрај позитивните сигнали, ситуацијата останува несигурна. Ан Фам, виш специјалист за нафта во LSEG, за Ројтерс оцени дека ова сигнализира потенцијална деескалација и зголемени надежи за ослободување на заглавените бродови во Заливот, но додаде дека ќе биде потребно време трговските текови целосно да се обноват дури и ако се постигне договор.
Трамп истовремено потврди дека американската морнарица ќе ја продолжи блокадата на иранските пристаништа, со што неизвесноста на пазарот останува висока. Минатата недела цената на „Брент” достигна највисоко ниво од март 2022 година.