Хрватската контрола на летање попладнево загуби контакт со мал ултралесен авион на подрачјето меѓу Госпиќ и Задар. Леталото со ознака D-KWZE патувало од Чешка кон задарскиот аеродром кога во 16:14 часот исчезнало од радарските системи. Службите за итна помош, полицијата и планинските спасувачи веднаш започнаа обемна теренска операција на непристапниот планински масив Велебит.
Оперативниот центар за цивилна заштита на Хрватска потврди дека последниот последниот контакт со авионот е забележан на приближно 17 наутички милји североисточно од Задар. Станува збор за специфичен, густо пошумен и карпест терен на планината Велебит.
Хрватската контрола на воздушниот сообраќај веднаш го алармираше Министерството за внатрешни работи откако пилотот престана да одговара на радиоврската, а сигналот од транспондерот исчезна од мониторите.
На теренот веднаш излегоа припадници на Службата за цивилна заштита од Задар и Госпиќ, полициски екипи и пожарникари. Главниот товар на копненото пребарување го носат дежурните тимови на Хрватската планинска служба за спасување (ХГСС).
Спасувачите работат во отежнати услови поради конфигурацијата на земјиштето. Во потрагата се вклучени специјални кучиња за следење траги и оператори со термални дронови за скенирање на густата вегетација.
Официјалните служби засега не соопштуваат податоци за точниот број на патници во леталото, додека регионалните медиуми неофицијално јавуваат за две лица во авионот.