Пилотот направил спирала пред падот: детали за авионската несреќа во Хрватска

Мал авион што требало да слета на спортскиот аеродром Медулин се урна во близина на депонијата Каштијун, а хрватските служби ги утврдуваат причините за трагедијата.

Неколку лица загинаа денеска при пад на мал авион во близина на спортскиот аеродром Медулин во Хрватска, а околностите на несреќата сè уште се утврдуваат, објавија хрватските медиуми.

Според искусниот пилот Нијаз Делиќ, авионот од засега непознати причини почнал спирално да се движи при приближување кон аеродромот, по што се урнал во областа Кампанож, во близина на депонијата Каштијун, објавува „Јутарњи.хр“.

Делиќ вели дека сè уште не е познато што точно ѝ претходело на несреќата. Според него, лицата во авионот дошле од Австрија, а леталото требало да слета на спортскиот аеродром Медулин.

„Зборуваме за луѓе кои дошле од Австрија. Не знам како се случила несреќата. Од причини што ми се непознати, пилотот, кој инаку е искусен и кој требало да слета на спортскиот аеродром Медулин, направил спирала над депонијата Каштијун и се урнал во земјата. Тоа се единствените информации што ги имаме“, рече Делиќ.

Пријавата за несреќата била примена во 11:18 часот, по што сите итни служби веднаш биле испратени на местото на настанот.

„На 4 јуни, во 11:18 часот, е примена пријава за пад на мал авион во областа Кампанож, во близина на аеродромот Медулин. Пријавата е потврдена, сите служби за итни случаи, полиција, брза помош и пожарникари, се на местото на настанот и преземаат мерки и активности во рамките на нивната надлежност“, соопшти Полициската станица во Пула.

„Индекс.хр“ објави дека четири лица загинале, а дека се трага по уште две. Околностите на несреќата сè уште се утврдуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс