Пабло Пикасо во фокусот на првата работилница од циклусот „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“

Работилницата ќе биде посветена на Пабло Пикасо, еден од највлијателните уметници на 20 век, чие творештво суштински го промени развојот на модерната уметност.

Во четврток, 22 октомври, со почеток од 18 часот, во просториите на креативниот центар Сончогледи во Скопје ќе се одржи првата работилница од циклусот креативни работилници насловен „Приказни што оживуваат –  уметност, литература и пантомима за деца.” 

Работилницата ќе биде посветена на Пабло Пикасо, еден од највлијателните уметници на 20 век, чие творештво суштински го промени развојот на модерната уметност.

Пикасо ги помести границите на традиционалното ликовно изразување и отвори нови можности за истражување на формите, боите и реалноста. Неговото значење не произлегува само од обемното и разновидно творештво, туку и од слободата што ја внесе во уметничкиот израз, покажувајќи дека мислите, емоциите и личната визија за светот можат да се претстават на многу различни начини.

Токму оваа слобода на изразување е една од појдовните точки на работилницата, која има за цел да ги поттикне детската љубопитност, креативноста и самостојното уметничко истражување. Преку непосреден и интерактивен пристап, учесниците ќе се запознаат со особеностите на творештвото на Пикасо, како и со интересни моменти од неговиот живот.

Програмата опфаќа раскажување, набљудување и анализа на уметнички дела, како и интерпретација на делови од животната приказна на уметникот преку глума и пантомима. Литературата, визуелната уметност и сценскиот израз ќе се поврзат во заедничко искуство што ги охрабрува децата да истражуваат, да поставуваат прашања и да ја изразуваат сопствената креативност.

Практичниот ликовен дел ќе биде посветен на линорезот, класична графичка техника во која цртежот се врежува во мека плоча со помош на специјални длета, по што се нанесува боја и се изработува графички отпечаток. Преку оваа постапка, учесниците ќе имаат можност непосредно да се запознаат со еден поинаков начин на создавање ликовно дело и да изработат сопствени графички отпечатоци.

Работилницата ќе ја реализираат Марина Туфекчиевска, комуниколог и дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност; Кристина Таневска, визуелен уметник, ликовен педагог, вајар и магистер по сликарство; и Мето Јанакиевски, историчар на уметност и пантомимичар.

Учеството на работилницата е бесплатно.


Проектот „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“ е поддржан од Град Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс