ИТ-гигантите скратија 140.000 работни места поради вештачка интелигенција

Monday.com се приклучи на водечките технолошки компании кои ги кратат буџетите за кадар за да финансираат развој на нови ВИ модели.

Американските технолошки компании скратија речиси 140.000 работни места од почетокот на годинава, а бранот го зафати и израелскиот софтверски гигант Monday.com. Компанијата објави отпуштање на 20 проценти од својата работна сила, односно над 600 вработени, наведувајќи ги инвестициите во нејзината платформа за вештачка интелигенција како главен фокус за идното работење. Ова се случува во период кога слични отпуштања поради вештачка интелигенција најавија и Амазон, Мета, Мајкрософт и Оракл.

Израелската компанија за софтвер за управување со проекти Monday.com преку поднесок до Американската комисија за хартии од вредност (SEC) потврди дека ќе отпушти околу 20 проценти од својот тим, што опфаќа нешто над 600 вработени. Софтверскиот гигант од Тел Авив наведе дека кратењата се дел од реструктуирањето за поддршка на пофокусиран оперативен модел и засилување на стратегијата за раст заснована на вештачка интелигенција.

Ко-основачот Еран Зинман во порака до вработените истакна дека одлуката не е донесена за да се намалат трошоците или директно да се заменат луѓето со вештачка интелигенција, туку за да се прилагоди организацијата кон новата визија започната пред една година. Компанијата очекува трошоци за реструктуирање од 45 до 55 милиони долари, но и понатаму предвидува годишен раст на приходите до 20 проценти во 2026 година.

Според анализата на Фајненшал тајмс, американските технолошки компании елиминираа речиси 140.000 работни места од почетокот на годинава. Најголемиот дел од овие кратења отпаѓаат на Амазон, Оракл, Мета и Мајкрософт, кои заедно отпуштија речиси 50.000 луѓе додека истовремено насочуваат стотици милијарди долари кон изградба на инфраструктура и центри за податоци за вештачка интелигенција.

Податоците покажуваат дека берзата реагира скептично на ваквите објави. Компаниите кои ги наведуваат инвестициите во вештачка интелигенција како причина за отпуштања имаат послоши перформанси на индексот Насдак за речиси 10 проценти во 30-те дена по објавувањето на кратењата.

И покрај бранот отпуштања, пазарот на труд забележува и спротивен тренд кај специјализираните компании. Стартапи како Антропик и ОпенАИ брзо вработуваат нов кадар, а дел од големите корпорации ги прераспределуваат постојните тимови.

Мета во текот на годината префрли околу 7.000 вработени на нови позиции поврзани со вештачка интелигенција, иако истовремено отпушти 8.000 луѓе. ИБМ најави тројно зголемување на вработувањата на почетни позиции во областа на облак-технологиите и вештачката интелигенција, и покрај тоа што замени околу 200 работни места во човечки ресурси со дигитални агенти.

Бранот реструктуирања трае непрекинато од почетокот на 2026 година. Мајкрософт во јули скрати 4.800 позиции, главно во својот оддел за игри Иксбокс, со образложение дека начинот на работа се менува со новите алатки. Оракл во јуни објави дека ја намалил својата работна сила за 21.000 луѓе во изминатите 12 месеци.

Слични чекори презедоа и ГитЛаб со 350 отпуштања, Клаудфлер со кратење на 20 проценти од кадрите, Блок на Џек Дорси кој ја преполови работната сила за 4.000 луѓе, како и Амазон кој во јануари скрати 16.000 корпоративни позиции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс