Бројот на загинати во разорните земјотреси што ја погодија Венецуела минатата недела се искачи на најмалку 2.595, соопшти привремената претседателка Делси Родригез, додека растат сомнежите дека вистинскиот биланс на жртви е значително поголем.
Според властите, бројот на загинати за само еден ден е зголемен за околу 300 лица, но сè уште нема официјални податоци за бројот на исчезнати, ниту проценка за конечниот биланс на катастрофата.
Во меѓувреме, форензички патолог од државата Ла Гваира, една од најтешко погодените области, за CNN изјави дека официјалните бројки „не претставуваат ниту една третина од реалниот број на загинати“.
Тој посочува дека импровизираната мртовечница каде што работи прима околу 400 тела дневно, додека камионите-ладилници се преполни. Поради недостиг од капацитет, дел од телата привремено се чуваат на отворено, што дополнително ја отежнува идентификацијата.
„Ла Гваира е неопислива. Има премногу жртви и семејства погодени од трагедијата, а најтешко се погодени сиромашните заедници“, изјави патологот.
Тој додава дека многу семејства самите ги извлекуваат телата на своите блиски од урнатините и ги носат во мртовечниците, бидејќи спасувачките служби не можат да одговорат на обемот на катастрофата.
Стравувања дека бројот на жртви е многу поголем
Прелиминарните проценки на Геолошкиот завод на САД укажуваат дека земјотресите со јачина од 7,2 и 7,5 степени би можеле да имаат далеку поголем број жртви. Слична проценка изнесе и координаторот на Обединетите нации за Венецуела, Џанлука Рампоља дел Тиндаро.
Опозициската лидерка Марија Корина Мачадо ги обвини властите дека го прикриваат вистинскиот обем на катастрофата и го ограничуваат пристапот до информации, додека организацијата за човекови права „Провеа“ оцени дека официјалните податоци отвораат „повеќе прашања отколку одговори“.
Поради недостигот од официјални информации, граѓаните сè почесто користат неофицијални онлајн бази за пријавување исчезнати лица. Платформата „Венецуела Репорта“ проценува дека десетици илјади луѓе и натаму се водат како исчезнати, иако овие податоци не се независно потврдени.
Претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, изјави дека во моментот на земјотресите околу 30.000 луѓе се наоѓале во најпогодените делови на Ла Гваира, од кои околу 20.000 биле евакуирани или спасени.
Идентификацијата на жртвите е голем предизвик
Форензичките експерти предупредуваат дека идентификацијата на голем број тела е исклучително тешка бидејќи многу од нив се во напредна фаза на распаѓање. Во најголем дел од случаите идентитетот се утврдува преку тетоважи, стоматолошки записи и облека, додека ДНК-анализите ретко се користат поради високите трошоци.
„Пристигнуваат многу деца чии тела веќе не можат да бидат препознаени ниту од нивните семејства“, изјави патологот, додавајќи дека форензичките служби работат под огромен психолошки и физички притисок.
Од друга страна, Делси Родригез уверува дека властите ги почитуваат сите национални и меѓународни процедури при идентификацијата на жртвите и дека нема да има масовни погребувања.
Според неа, во Ла Гваира е отворена специјализирана мртовечница, а во процесот се вклучени Националната служба за судска медицина (Senamecf), Државното обвинителство и Граѓанскиот регистар, со цел секоја жртва да биде идентификувана и достоинствено погребана.