Oткажан концертот на Џос Стоун во Скопје

Организаторите соопштија дека силното невреме ја оштетило продукциската опрема и просторот за концертот, а најавите за ново невреме дополнително ја наложиле одлуката.


Вечерашниот концерт на британската пејачка Џос Стоун во Скопје е откажан поради силното невреме, кое предизвикало сериозни оштетувања на продукциската опрема и просторот предвиден за одржување на настанот, соопштија организаторите.

Како што информираа организаторите, по извршената проценка на состојбата било утврдено дека не постојат услови салата и продукциската опрема да се доведат во состојба што би овозможила дури и минимални услови за безбедно одржување на концертот.

Дополнително, добиле информации дека постои можност помеѓу 21 и 22:30 часот повторно да го зафати невреме подрачјето, поради што, од безбедносни причини, било одлучено концертот да не се одржи.

„Како што може да претпоставите, невремето предизвика оштетување на комплетната продукциска опрема, како и на просторот предвиден за одржување на вечерашниот концерт на Џос Стоун“, наведуваат организаторите.

Тие најавија дека сите информации во врска со повратот на средствата за купените билети ќе бидат објавени во текот на утрешниот ден.

е-Трн да боцка во твојот инбокс