Иранското и американското затворање на Ормускиот теснец ја претвори оваа клучна светска енергетска артерија во точка на силен глобален економски притисок. Скокот на цените на нафтата и растот на инфлациските ризици веќе не се регионален проблем, а последиците ги чувствуваат и најголемите економии во светот.
Забавувањето на економскиот раст, поскапувањето на енергијата и нарушувањата во снабдувањето стануваат реалност на глобално ниво.
Блокада што ја потресе економијата
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека американската морнарица ќе започне процес на блокада на сите бродови што се обидуваат да влезат или излезат од Ормускиот теснец. Оваа изјава дојде веднаш по клучните преговори за ставање крај на конфликтот меѓу Вашингтон и Техеран, одржани во Исламабад.
И покрај целосната блокада, неколку бродови успеале да ја пробијат. Во меѓувреме, двојното затворање на оваа витална нафтена рута доведе до нагло зголемување на цената на нафтата, од околу 72 долари пред војната, на повеќе од 100 долари по барел
Светот пред енергетски шок
Директорот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, предупреди дека светот се соочува со најголемиот предизвик за енергетската безбедност во историјата. Тој нагласи дека кризата не се однесува само на нафтата и природниот гас, туку и на други витални суровини како ѓубрива, петрохемиски производи и хелиум.
Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај проценува дека глобалниот економски раст ќе се забави на околу 3 проценти, додека инфлацијата ќе достигне 4,4 проценти. Во понеповолни сценарија, растот може да падне и на 2 проценти, со инфлација над 6 проценти.
Европа веќе плаќа висока цена
Европската Унија веќе плаќа сериозна економска цена. За само месец и половина, увозот на фосилни горива ја чинеше дополнителни 22 милијарди евра, потврди претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа предупреди дека дури и ако конфликтот веднаш заврши, последиците врз снабдувањето со енергија од Персискиот Залив ќе се чувствуваат уште долго време.
Аларм од банките
Аналитичарите на „Џеј-Пи Морган“ предупредуваат дека околу 20 април ќе се потрошат последните резерви на нафта што го напуштиле Персискиот Залив пред почетокот на конфликтот. Од „Голдман Сакс“ проценуваат дека доколку теснецот остане затворен уште еден месец, цената на нафтата ќе остане над 100 долари во текот на целата година.
Во меѓувреме, иранските власти порачуваат дека Американците наскоро ќе станат „носталгични“ за времето кога бензинот чинел од четири до пет долари.
Удар врз потрошувачите
Инвестицискиот директор Кевин Ман предупредува дека долготрајно високите цени на нафтата директно ќе се прелеат врз економијата: поскапи горива, намалена куповна моќ и забавување на економскиот раст.
Со оглед на тоа што околу 70 проценти од економскиот раст во САД доаѓа од потрошувачката, ова претставува сериозен ризик за економијата.
Криза што ја плаќа целиот свет
Додека Иран го затвори Ормускиот теснец одвнатре, а Соединетите Американски Држави однадвор, јасно е дека последиците нема да останат локализирани. Она што се случува во Ормускиот теснец не останува таму сметката ја плаќа целиот свет. И таа сметка расте од недела во недела.