Зошто Унгарците извикаа „Руси надвор” кога по 16 години го соборија Орбан

Унгарија ja памети 1956 година кога советските тенкови го задушија востанието на Имре Наѓ. Седумдесет години подоцна, истиот извик „Руси надвор” одекна на победничките прослави на Маѓар Петер, овојпат против лидер кој ги жртвуваше европските вредности за ефтин руски гас.

На 12 април 2026, Тиса партијата на Маѓар Петер освои двотретинско мнозинство на унгарските парламентарни избори, испраќајќи го Виктор Орбан во опозиција по 16 години власт. На улиците на Будимпешта, славењето се слеа со истористкиот синхроницитет: „Ruszkik haza – Руси надвор”, извикот роден во востанието од 1956, повторно одекна како осуда на режим кој наместо Европската унија, ја избра Русија за партнер.

Земјата која двапати рекла „не” на Москва

Унгарија не го заборавила 1956. Кога советските тенкови влегоа во Будимпешта за да го задушат народното востание, премиерот Имре Наѓ прогласи унгарска неутралност и по радио го извести светот за советската инвазија. Беше погубен две години подоцна. Извикот „Ruszkik haza” е роден токму во тие денови, вграден во колективната меморија на унгарскиот народ како симбол на отпор кон руската хегемонија. Седумдесет години подоцна, истите зборови одекнаа на победничките прослави на Тиса партијата, овојпат насочени против домашен лидер кој, според критичарите, ја обнови зависноста од Москва со поинакви средства.

Орбан: од „Руси надвор” до партнер на Путин

Парадоксот е биографски. Имре Наѓ бил погубен во јуни 1958 и закопан во тајна гробница, со раце и нозе врзани со бодликава жица, без обележје и без достоинство. Дури триесет и една година подоцна, во јуни 1989, со рушењето на комунизмот, неговите останки биле ексхумирани и свечено препогребани на Плоштадот на хероите во Будимпешта. На таа церемонија, пред десетици илјади луѓе, 26 годишниот активист Виктор Орбан одржал говор барајќи повлекување на советските трупи и преку ноќ станал глас на новото политичко поколение.

Три децении подоцна, истиот политичар го блокираше европското единство во поддршката за Украина, одржуваше редовни средби со Владимир Путин и се спротивстави на санкциите против Русија во Европската унија. Причината беше практична: Унгарија зависеше од руски гас и нафта преку гасоводот „Турски поток”, а Орбан ја претвори таа енергетска зависност во политичка стратегија, претставувајќи ја јавно како „политика на мир”.

epa12886204 Chairman of the opposition Tisza Party Peter Magyar (C) addresses supporters after his party won landslide victory in the general elections in Budapest, Hungary, 12 April 2026. Behind him Vice Chairpersons Maark Radnai (L) and Agnes Forsthoffer applaud. EPA/Robert Hegedus HUNGARY OUT

Сиромаштијата и стагнацијата ги свртеа гласачите

Но економијата го убеди мнозинството. Унгарија доживеа три години на стагнација, додека трошоците за живот нагло растеа, а богатството на олигарсите блиски до власта продолжуваше да се зголемува, пренесе израелскиот портал Вала во својата анализа на изборниот резултат. Рекордната излезност од скоро 80 отсто покажа дека гласачите не беа рамнодушни. Тиса партијата освои околу 3,3 милиони гласови, а победи во 93 од 106 единечни изборни единици низ целата земја.

Европа одговори со олеснување

Реакциите од европските лидери стигнаа уште во текот на изборната ноќ. Урсула фон дер Лајен напиша дека „Унгарија го избра европскиот пат”, а претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта ја истакна рекордната излезност како доказ за демократскиот дух на унгарскиот народ. Полскиот премиер Доналд Туск на платформата X напиша на унгарски „Ruszkik haza”, поврзувајќи ја унгарската победа со сопственото искуство на Полска во ослободувањето од руска орбита. Маѓар Петер, пак, во победничкиот говор најави дека Унгарија ќе се приклучи на Европското јавно обвинителство и дека неговата прва официјална посета ќе биде во Варшава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни