Секој трет млад човек бара информации за дрога и алкохол од чет-ботови

Истражување на универзитетот Ратгерс предупредува на здравствени ризици бидејќи чет-ботовите даваат совети за дозирање и последици.

Дури 32 отсто од младите во САД на возраст меѓу 18 и 29 години користат алатки со вештачка интелигенција за да добијат информации за дрога и алкохол. Ова го покажува новото истражување објавено во стручното списание „Џеј-ем-ај-ар форматед рисрч“, кое предупредува дека чет-ботовите стануваат замена за здравствени совети и создаваат ризик од ширење дезинформации за супстанции што предизвикуваат зависност.

Анкетата опфати 995 полнолетни лица на возраст од 18 до 29 години. Резултатите покажуваат дека речиси половина од оние што користеле чет-ботови за оваа намена, прашувале вештачка интелигенција најмалку еднаш месечно. Дванаесет проценти го правеле тоа секоја недела, додека четири проценти барале вакви одговори секојдневно. Најчесто користени алатки биле Чет-Џи-Пи-Ти (ChatGPT), Гугл Џемини (Google Gemini) и Мета АИ (Meta AI).

Корисниците најчесто барале одговори за ризиците и последиците од консумацијата на опијати. Околу половина од испитаниците барале информации за конкретни супстанции, вклучително и прецизни прашања за дозирање. Дополнително, 35 проценти користеле вештачка интелигенција за да дознаат повеќе за нарушувањата поврзани со зависноста.

Истражувачите регистрираа висок степен на доверба меѓу младите. Испитаниците ја оцениле доверливоста на чет-ботовите за прашања за супстанции со просечна оценка 3,66 од пет, што е повисоко од оценката 3,51 за општа употреба на вештачка интелигенција. Истовремено, 93 проценти од нив паралелно користеле и стандардно пребарување на Гугл, што укажува дека чет-ботовите служат како директен додаток на интернет пребарувачите.

„Користењето на овие алатки може да доведе до погрешно информирано или ризично однесување кај младите, кои се возрасна група најмногу погодена од штетните ефекти од употребата на супстанции“, изјави водечката авторка на студијата Миреја Тригеро Роура од универзитетот Ратгерс.


Авторите посочуваат дека овие разлики директно се поврзани со стигмата, нееднаквиот пристап до здравствени установи и довербата во официјалниот систем. Научниците предупредија дека следните чекори мора да ја измерат точната прецизност на медицинските одговори што ги генерираат чет-ботовите и да утврдат како тие информации директно влијаат врз одлуките на терен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс