Маск објави AI slop верзија на „Одисеја“ полна со историски грешки и предизвика лавина критики

Седумминутното видео на алатката Грок наиде на потсмев поради бездушната естетика, лошиот ритам и сцените што немаат врска со Хомеровиот еп.

Откако со месеци го напаѓаше филмот на Кристофер Нолан и ветуваше историски прецизна верзија, Илон Маск објави AI видео од „Одисеја“ кое експресно стана мета на критики. Седумминутниот материјал, изработен со алатката Грок Имаџин (Grok Imagine), корисниците на социјалните мрежи го оценија како бездушен визуелен кич. Наместо најавената верност кон Хомер, видеото содржи груби фактографски грешки и дијалози на англиски јазик.

Проектот на Маск, најавен како соработка со студиото Вондер (Wonder Studios) и режисерот Дев Вокер, веднаш наиде на отпор кај филмската публика. Материјалот требаше да биде демонстрација за моќта на вештачката интелигенција во создавањето долгометражни филмови. Резултатот е седумминутно видео со неприродни движења на ликовите, пластична естетика и целосно изместен наратив.

Покрај визуелните недостатоци, проектот целосно падна на тестот за историска точност што самиот Маск го постави. Видеото не е на грчки јазик. Сцените го прикажуваат грчкото истоварување кај Троја, настан што хронолошки се случува пред почетокот на Хомеровата „Одисеја“.

„Ова најдобро покажува колку вештачката интелигенција не ги разбира уметноста и луѓето“, гласи еден од бројните коментари на социјалната мрежа Икс (X). Други корисници го оценија клипот како евтин трејлер од Ц-категорија, посочувајќи дека станува збор за залудно потрошени пари и време.

Јавната фиксација на Маск со античкиот еп започна по премиерата на филмот „Одисеја“ на Кристофер Нолан во јули 2026 година. Милијардерот водеше агресивна онлајн кампања против холивудскиот режисер, обвинувајќи го за политичка коректност и историски отстапки, паралелно ветувајќи дека вештачката интелигенција ќе создаде далеку супериорно дело.


Реалноста во кино-салите покажа сосема поинаква слика. Филмот на Нолан досега инкасираше речиси 1,8 милијарди долари на светските благајни и доби високи оценки од филмските критичари, иако дел од рецензиите забележаа одредени проблеми со темпото во првиот дел. Додека публиката масовно се враќа во кината за автентично кинематографско доживување, алгоритмите на Маск понудија само генерички кадри што не успеваат да пренесат емоција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс