Орхидејата не цвета? Не брзајте да ја пресадувате – прво проверете ги овие 4 работи

Ако фаленопсисот изгледа здраво, проблемот можеби воопшто не е саксијата, туку светлината, коренот или начинот на полевање

Орхидејата има зелени листови, изгледа здраво, но никако да пушти нов цвет? Пред да купите нов супстрат и да ја пресадите, проверете што навистина се случува со растението. Кај најчестата домашна орхидеја, фаленопсисот, причината често се крие во условите во кои расте, а не во тоа што „ѝ треба поголема саксија“.

Пресадувањето не треба да биде автоматска реакција на тоа што орхидејата престанала да цвета.

Кај фаленопсисот, пресадување е потребно кога супстратот почнува да се распаѓа, кога повеќе не обезбедува доволно воздух за коренот или кога растението ја надраснало саксијата. Тоа најчесто се случува по една до три години, зависно од условите.

Ако растението е здраво, а само моментално не цвета, прво проверете ги овие работи.

1. Погледнете го коренот – тој кажува многу

Пред да ја пресадите орхидејата, проверете го нејзиниот корен.

Здравите корени треба да бидат цврсти. Кога се влажни, најчесто се зелени, а кога се суви можат да имаат сребреникава или сивкава боја.

Проблем се корените што се кафеави, меки и кашести. Тоа најчесто е знак на гниење, обично поврзано со задржување премногу вода.

Ако има такви корени, оштетените делови треба да се отстранат со чист и стерилизиран алат, а растението да се пресади во свеж и воздушест супстрат.

Циметот понекогаш се користи како домашен препарат поради неговите одредени антифунгални својства, но не е универзален лек за габични инфекции и не може да замени соодветен третман кога проблемот е сериозен.

2. Не мора да имате проѕирна саксија

Проѕирните пластични саксии се многу популарни кај орхидеите и имаат една практична предност – лесно можете да го видите коренот и да процените колку влага има во супстратот.

Корените на фаленопсисот можат да вршат фотосинтеза кога се изложени на светлина, но тоа не значи дека орхидејата мора да биде во проѕирна саксија за да преживее.

Многу поважно е саксијата да има добра дренажа, а супстратот да овозможува доволно воздух околу коренот.

На орхидејата повеќе може да ѝ наштети постојано влажниот супстрат отколку непроѕирната саксија.

3. Проверете дали супстратот се распаднал

Фаленопсисот не се одгледува во класична земја. Најчесто се користи воздушест супстрат во кој значаен дел има кора. Со текот на времето органскиот материјал почнува да се распаѓа и станува ситен. Тогаш супстратот задржува повеќе вода, а околу корените има помалку воздух. Тоа создава услови за гниење.

Затоа, ако супстратот веќе се распаднал и станал густ и влажен, пресадувањето има смисла. Но, ако е сè уште воздушест и во добра состојба, само отсуството на цветови не е доволна причина да ја вознемирувате растението.

4. Внимавајте со полевањето

Една од најчестите грешки кај орхидеите е полевањето според календар. Не постои правило дека фаленопсисот мора да се полева на секои седум или десет дена. Потребата за вода зависи од температурата, светлината и видот на супстратот.

Многу поголем проблем може да биде премногу вода отколку недоволно вода. Пред полевање проверете дали супстратот е приближно сув. По полевањето, вишокот вода мора целосно да истече од саксијата.

Коренот на орхидејата не сака само вода – му треба и воздух. А што со светлината? Ако коренот е здрав, супстратот е во добра состојба, а орхидејата сепак не цвета, погледнете каде стои. Фаленопсисот има потреба од доволно светлина за повторно да цвета. Темен агол во домот можеби е удобен за вас, но не и за растението. Во зима ситуацијата дополнително се менува бидејќи деновите се пократки, а природната светлина е послаба.

Затоа обидете се да ѝ обезбедите светло место, но избегнувајте силно директно сонце кое може да ги оштети листовите.

Не ја пресадувајте додека цвета – освен ако има проблем

Ако орхидејата е здрава и моментално цвета, нема причина веднаш да ја пресадувате само затоа што сакате да ја освежите саксијата. Најдобро е да се почека цветањето да заврши, освен ако постои сериозен проблем, како гниење на коренот или целосно распаднат супстрат. И не очекувајте дека по пресадувањето веднаш ќе се појави нов цвет.

Орхидејата може да започне да создава нови корени релативно брзо ако условите се добри, но целосното приспособување може да трае денови или недели. Во текот на зимата, поради пократките денови и послабата светлина, процесот може да биде и подолг.

Затоа, ако вашата орхидеја не цвета, прво погледнете што се случува со неа. Понекогаш решението не е нова саксија, туку малку повеќе светлина, помалку вода или едноставно – малку трпение.

е-Трн да боцка во твојот инбокс