Опфатот со МРП вакцина во Македонија падна на 62,7 отсто, во светот 29 милиони деца без заштита

Додека смртноста од мали сипаници глобално се намали на историски минимум, падот на имунизацијата кај нас остави 7.215 деца без прва доза во 2025 година.
Фото: Asian Development Bank/Flickr

Глобалната смртност од мали сипаници падна на историски минимум со околу 72.000 смртни случаи во 2025 година, но празнините во вакцинацијата го загрозуваат напредокот, предупреди Светската здравствена организација (СЗО) во извештајот објавен на 27 ноември 2026 година. Истовремено, годишниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажува дека опфатот со МРП вакцината во Македонија во 2025 година се намалил на 62,7 отсто, што е далеку под прагот од 95 отсто потребен за колективен имунитет.

СЗО соопшти дека вакцинацијата против мали сипаници спасила повеќе од 60 милиони животи од 2000 година наваму. Бројот на смртни случаи лани е намален за 91 отсто во споредба со почетокот на векот. Сепак, речиси 10 милиони луѓе во светот се заразиле со мали сипаници во 2025 година, а повеќе од 29 милиони деца останале невакцинирани или недоволно имунизирани.

„Смртните случаи од мали сипаници никогаш не биле пониски, благодарение на моќта на вакцините да спасуваат животи. Но, малите сипаници не простуваат опуштање. Држави што ја имаа искоренето болеста сега го губат тој статус. Елиминацијата не е целна линија. Таа мора да се брани со две дози вакцина за секое дете, насекаде“, изјави генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус.

Податоците од Извештајот за реализација на програмата за задолжителна имунизација на ИЈЗ за 2025 година покажуваат значителен пад кај примарната вакцинација против мали сипаници, рубеола и заразни заушки (МРП) во однос на претходната година. Додека во 2024 година опфатот со првата доза изнесувал 72,7 отсто, во 2025 година тој паднал на 62,7 отсто.

Од вкупно 19.369 деца што подлежеле на прва доза МРП вакцина лани, не се вакцинирани 7.215 деца. Најголемата концентрација на невакцинирани деца е регистрирана на територијата на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Скопје, каде што 2.860 деца или 39,6 отсто од вкупниот број не ја примиле првата доза. По Скопје следува ЦЈЗ Куманово со 1.294 невакцинирани деца, односно 17,9 отсто.

Препорачаниот праг на опфат над 95 отсто во 2025 година е постигнат единствено во подрачната единица Свети Николе при ЦЈЗ Велес. Понизок опфат од 70 отсто е евидентиран во дури 14 центри за јавно здравје и подрачни единици, меѓу кои се Скопје, Куманово, Битола, Тетово, Охрид, Велес и Струмица. Последен пат националниот опфат со првата доза МРП надминал 90 отсто во 2019 година, кога изнесувал 93,1 отсто за време на противепидемиските мерки.

За разлика од првата доза, МРП ревакцинацијата на училишна возраст во Македонија бележи зголемување од 79,1 отсто во 2024 година на 84,7 отсто во 2025 година. Од 19.243 деца што подлежеле на втора доза, невакцинирани останале 2.949 деца, од кои 1.247 или 42,3 отсто се на подрачјето на ЦЈЗ Скопје.

Опфат над 95 отсто за втората доза МРП е постигнат во осум центри за јавно здравје и подрачни единици, додека најниски вредности под 70 отсто се забележани во Кавадарци со 46 отсто и во Дебар со 52,2 отсто. Епидемиолозите во извештајот на ИЈЗ констатираат дека повеќегодишниот низок опфат создава акумулација на осетливо население и го зголемува ризикот од ширење епидемии.

Глобалните податоци од Неделниот епидемиолошки записник на СЗО потврдуваат дека на светско ниво 84 отсто од децата примиле прва доза вакцина против мали сипаници во 2025 година, а 77 отсто примиле втора доза. За споредба, во Европскиот регион на СЗО просечниот опфат со прва доза изнесува 92 отсто, но неколку европски земји бележат меѓу најниските стапки на имунизација.

Во текот на 2025 година, 59 држави се соочиле со големи или нарушувачки епидемии на мали сипаници, меѓу кои 18 земји со ниски приходи, 34 со средни приходи и седум држави со високи приходи. Единаесет од тие епидемии избувнале во земји кои претходно биле официјално прогласени за слободни од мали сипаници. До крајот на 2025 година, 95 држави го задржале или постигнале статусот на елиминација.

Остри разлики постојат и меѓу економските региони. Во државите со ниски приходи, опфатот со прва доза изнесува 69 отсто, а со втора доза 57 отсто, додека во земјите со високи приходи достигнува 93 отсто за прва и 91 отсто за втора доза. СЗО потсетува дека дури и во средини со добра здравствена заштита, малите сипаници можат да предизвикаат тешки и доживотни компликации, вклучувајќи слепило, пневмонија и енцефалитис.


За надминување на состојбата кај нас, ИЈЗ препорачува итни теренски активности за пронаоѓање на невакцинираните деца, засилена комуникација со родителите и доследна примена на правилата за упис во градинките исклучиво со комплетен вакцинален статус.

е-Трн да боцка во твојот инбокс