Законот за заштита на потрошувачите јасно уредува кога може да се врати купен производ по Црн петок

Правилата се разликуваат според тоа дали сте пазарувале онлајн или во продавница, но важат и за производите купени на попуст.

Импулсивното пазарување за време на попустите за Црн петок често завршува со дилема дали купениот производ може да се врати или замени. Законот за заштита на потрошувачите и Правилникот на Министерството за економија јасно ги разграничуваат правата на купувачите во зависност од тоа дали договорот е склучен на далечина преку интернет или во физичка продавница. Попустите не ги укинуваат законските рокови, а потрошувачите во одредени случаи можат да се повлечат и без да наведат причина.

Купувачите кои нарачале производ преку интернет или склучиле друг вид договор на далечина и вон деловните простории на трговецот имаат законско право да се повлечат од купувањето во рок од 14 календарски дена, без притоа да наведат причина или образложение. Кај договорите за продажба на стоки, овој рок почнува да тече од денот кога потрошувачот или лице определено од него, освен превозникот, ќе го преземе производот во физичко владение. Доколку во една нарачка се опфатени повеќе производи што се испорачуваат одвоено, рокот од 14 дена се смета од денот на преземање на последната пратка.

За да го оствари ова право, потрошувачот мора пред истекот на рокот од 14 дена да го извести трговецот со недвосмислена изјава по пошта, факс или електронска пошта, или со пополнување на пропишаниот Образец за повлекување од договор на далечина во А-4 формат или во електронска форма. Трговецот е должен без одлагање, а најдоцна во рок од 14 дена од денот кога е известен за повлекувањето, да ги врати сите примени плаќања, вклучувајќи ги и стандардните трошоци за испорака, преку истото средство за плаќање што било користено при купувањето. Директните трошоци за враќање на стоката ги сноси потрошувачот, освен ако трговецот не се согласил да ги покрие или пропуштил претходно да го информира купувачот за таа обврска.

Законот за заштита на потрошувачите предвидува строга заштита доколку онлајн трговецот не ги исполнил обврските за преддоговорно информирање. Ако трговецот не го известил потрошувачот за правото, траењето и постапката за повлекување и не му го доставил пропишаниот образец, рокот за повлекување се продолжува за 12 месеци по истекот на првичните 14 дена. Во случај на договори склучени при непобарани посети во домот на потрошувачот или при организирани промотивни екскурзии, основниот рок за повлекување без причина изнесува 30 дена.

Членот 133 од Законот за заштита на потрошувачите прецизно ги наведува ситуациите во кои правото на повлекување од договор на далечина е исклучено:

  • стоки изработени според посебна спецификација на потрошувачот или очигледно прилагодени на неговите потреби;
  • лесно расипливи стоки или производи со краток рок на траење;
  • оригинално затворени производи што не се погодни за враќање поради хигиенски причини или заштита на здравјето, доколку биле отворени по испораката;
  • затворени аудио и видео снимки и компјутерски програми што се отворени по испораката;
  • весници, периодични изданија и ревии, освен договорите со претплата;
  • целосно извршени услуги и дигитални содржини што не се испорачуваат на траен носач, доколку извршувањето започнало со претходна изречна согласност на потрошувачот и негово прифаќање дека со тоа го губи правото на повлекување.

Кај купувањето во класични деловни простории, законот прави разлика помеѓу повлекување од договор и замена на производ. Според член 10 од Законот за заштита на потрошувачите, ако купувачот во физичка продавница купил производ што не му одговара по форма, големина, модел, боја, број или од друга причина, трговецот има законска обврска да го замени со стока со соодветен квалитет во рок од 15 дена од денот на предавањето. Ова правило не важи единствено за стока изработена по нарачка на потрошувачот.

За да се оствари замената во рок од 15 дена, производот не смее да биде употребуван, мора да ги има сочувано фабричките етикети, пломби и првобитниот изглед, а купувачот задолжително мора да ја приложи фискалната сметка. Враќање на парите во физичка продавница при исправен производ следува само доколку трговецот во моментот на барањето нема соодветна стока за замена, по што потрошувачот има право да го раскине договорот и да бара поврат на платениот износ или да почека испорака на соодветен производ најдоцна во рок од 30 дена.

Од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) посочуваат дека при онлајн пазарувањето на социјалните мрежи граѓаните често се соочуваат со нерегистрирани продавачи кои не издаваат фискална сметка или фактура, со што потрошувачите остануваат без законска можност за замена или враќање. Потрошувачите немаат обврска да ја подигнат пратката доколку при испораката не им биде доставена фискална сметка, фактура или сметкопотврда.


Доколку трговецот одбие да го прими производот во законскиот рок или не одговори на писмениот приговор во рок од 15 дена, граѓаните можат да поднесат пријава до Државниот пазарен инспекторат на телефонскиот број 02/3162 341 или електронски преку нивната веб-страница, како и да побараат советување во ОПМ на 02/3179 592.

е-Трн да боцка во твојот инбокс