Државната Медиумска информативна агенција (МИА) добила 897.600 евра директни буџетски субвенции во 2025 година, што претставува 74,2 насто од нејзините вкупни приходи, покажува ревизорскиот финансиски извештај за работењето на агенцијата. Државната финансиска поддршка за националниот информативен сервис во текот на минатата година се зголемила за 165.900 евра, односно за 22,7 насто во споредба со 2024 година, додека агенцијата ја завршила годината со намалена загуба од 45.600 евра, објави порталот „Пари“.
Според податоците од извештајот на независниот ревизор, вкупните приходи на МИА во 2025 година изнесувале 74.419.000 денари, односно околу 1,21 милион евра, што е раст од 18,4 насто во однос на претходната година. Од оваа сума, 55.200.000 денари или 897.600 евра се приливи од државни субвенции, наспроти 45.000.000 денари во 2024 година.
Сопствените приходи од продажба на новинарски и фотографски услуги исто така бележат раст од 26,5 насто и достигнале 17.766.000 денари (288.900 евра), во споредба со 14.040.000 денари (228.300 евра) една година претходно. Најголемиот дел од комерцијалните приходи, или 282.700 евра, агенцијата ги остварила на домашниот медиумски пазар, додека од странство инкасирала 6.100 евра. Во структурата на приходите се евидентирани и 1.383.000 денари од донации и 70.000 денари останати приходи.
Финансиските показатели покажуваат дека сумата што државата ја префрла како субвенција е речиси идентична со вкупните трошоци за вработените во агенцијата. На крајот од 2025 година МИА имала 75 вработени, а за нивните плати, придонеси, регрес и други надоместоци биле исплатени вкупно 55.639.000 денари, односно 904.700 евра.
За нето-плати биле издвоени 36.019.000 денари (585.700 евра), за придонеси 18.193.000 денари (295.800 евра), а за регрес за годишен одмор 1.233.000 денари (20.000 евра). Како што посочува новинарката Маја Анастасова во анализата на економскиот портал „Пари“, ваквата распределба на средствата укажува на просечна месечна нето-плата од околу 40.000 денари по вработен.
Покрај трошоците за кадар, агенцијата во 2025 година пријавила и 18.425.000 денари (299.600 евра) во категоријата останати трошоци, што е зголемување за 2,69 насто во однос на 2024 година. Оваа ставка опфаќа 23 различни видови расходи, меѓу кои режиски трошоци, службени возила, патувања, репрезентација, осигурување и надоместоци за членовите на Управниот одбор.
Петте најголеми ставки зафаќаат 78,3 насто од овие оперативни трошоци, односно 234.500 евра:
- Теренски додаток: 3.878.000 денари (раст од 25,10 насто)
- Трошоци за договор на дело: 3.502.000 денари (пад од 27,88 насто)
- Услуги за одржување: 3.035.000 денари (раст од 27,57 насто)
- Вести и фотографии од странските агенции ДПА и ЕПА: 2.651.000 денари (раст од 43,37 насто)
- Трошоци за телефонија: 1.354.000 денари (раст од 4,96 насто)
Во 2025 година МИА успеала да ја намали финансиската загуба пред оданочување за 191.900 евра, односно за 80,8 насто во однос на 2024 година, кога минусот изнесувал 237.500 евра. И покрај намалениот минус на 45.600 евра, вкупната главнина на агенцијата се намалила за 14,4 насто и на крајот на годината изнесувала 271.200 евра, наспроти 316.800 евра во 2024 година. Акционерскиот капитал останал непроменет на 60.700 евра, а ревалоризациските резерви изнесуваат 21.500 евра.
На крајот од минатата година агенцијата евидентирала нето-побарувања од купувачи во износ од 77.000 евра, од кои 71.200 евра се долгови од домашни корисници на информации, додека сомнителните и спорни побарувања изнесуваат 43.100 евра. Медиумската информативна агенција, која почна со работа на 30 септември 1998 година, е акционерско друштво во целосна државна сопственост со Владата како единствен акционер, а од крајот на април 2025 година функцијата генерален директор и претседател на Управниот одбор ја извршува Дарко Јаневски.
