Компанијата OpenAI работи на својот прв потрошувачки хардверски производ – пренослив паметен звучник без екран, кој би требало да функционира како личен AI асистент во домот, објави „Bloomberg“, повикувајќи се на извори запознаени со проектот.
Новиот уред сè уште е во развој, а според информациите, ќе личи на класичен звучник, но со многу пошироки можности благодарение на напредните модели на вештачка интелигенција.
Без екран, но со камера и сензори
За разлика од традиционалните паметни звучници, уредот на OpenAI нема да има дисплеј, но ќе биде опремен со камера и сензори кои ќе му овозможат да го разбира опкружувањето и подобро да комуницира со корисникот.
Се очекува уредот да може да: одговара на прашања преку ChatGPT, управува со паметни уреди во домот, пушта музика и други медиуми, одговара на пораки и помага во секојдневни задачи. Според извештаите, уредот ќе користи пософистицирани AI модели од оние што моментално се достапни кај повеќето паметни звучници.
Во проектот се вклучени поранешни дизајнери на Apple
Развојот на уредот е поврзан со тимот на Jony Ive, чиј стартап io OpenAI го презеде минатата година за околу 6,5 милијарди долари. Студиото LoveFrom на Иве, како и голем број поранешни инженери и дизајнери на Apple, учествуваат во развојот на новата хардверска стратегија на OpenAI.
Целта е создавање уреди дизајнирани специјално за ерата на генеративната вештачка интелигенција, каде корисниците ќе имаат постојана интеракција со AI системите.
Новиот фронт на борбата за AI корисници
Влегувањето во хардверот би можело да му отвори нов извор на приходи на OpenAI, особено во период кога компанијата се подготвува за понатамошно ширење на бизнисот. Развојот на сопствен уред доаѓа во време кога конкуренцијата во вештачката интелигенција повеќе не се води само преку апликации и софтвер, туку и преку физички уреди што треба да станат секојдневен интерфејс меѓу луѓето и AI.
Информациите за новиот уред се појавија само неколку дена откако Apple поднесе тужба против OpenAI и двајца свои поранешни вработени, обвинувајќи ги за наводна кражба на деловни тајни поврзани со развој на хардвер. Apple тврди дека доверливи информации за идни производи биле користени за забрзување на плановите на OpenAI во областа на потрошувачката електроника.
OpenAI засега не ги коментираше јавно обвинувањата.