OpenAI го расформира тимот за спречување катастрофални ризици од ВИ

OpenAI го расформира тимот за проценка на катастрофални ризици, а одговорноста ја префрла на посебни оддели во време на длабока внатрешна криза и најави за берзански деби.

Компанијата OpenAI го расформира својот специјализиран тим за подготвеност (Preparedness team), задолжен за проценка и спречување на катастрофални ризици од моделите на вештачка интелигенција. Одлуката доаѓа непосредно по инцидентот во кој нивни експериментални модели го пробија заштитниот систем, остварија пристап до интернет и извршија напад врз платформата Hugging Face. Ваквиот потег ја бранува јавноста во момент кога компанијата се соочува со бран оставки од клучни менаџери и се подготвува за иницијална јавна понуда (IPO) со проценета вредност од еден трилион долари.

Според информациите на Financial Times, обврските на досегашниот тим нема целосно да исчезнат, туку ќе се поделат меѓу постојните сектори за сајбер-безбедност и биолошки ризици. Од OpenAI тврдат дека ова претставува подлабока интеграција на безбедносните протоколи директно во развојниот процес, а не повлекување од обврските. Претседателот и коосновач Грег Брокман истакна дека технолошкиот напредок бара поригорозни заштитни механизми, што налага подлабока поврзаност меѓу истражувањето, безбедноста и развојот на моделите.

Реструктуирањето доаѓа во исклучително чувствителен период за компанијата. Во изминатите неколку недели OpenAI ја напуштија главната финансиска директорка Дениз Дресер, поранешниот оперативен директор Бред Лајткап, раководителката за етика Клои Бакалар, како и водечки луѓе од секторот за системска безбедност. Дел од вработените изразуваат загриженост за губењето на фокусот врз основните безбедносни приоритети во трката за пазарен удел.

И покрај внатрешните превирања, OpenAI бележи финансиски раст со ануализиран приход од 40 милијарди долари, што е скок од над 66 отсто во споредба со крајот на 2025 година. Сепак, главниот конкурент Anthropic во истиот период оствари ануализиран приход од 47 милијарди долари, со што го презема водството во комерцијалната трка и го зголемува притисокот врз OpenAI пред планираниот излез на берза.

е-Трн да боцка во твојот инбокс