Експерти од Обединети нации повикаа на итна и транспарентна истрага за наводите за трговија со луѓе кои произлегуваат од документите поврзани со Џефри Епстин. Во заедничко соопштение, тие изразија „длабока загриженост“ поради, како што наведуваат, веродостојни информации за системска трговија со млади жени и девојчиња со цел сексуална експлоатација.
Според експертите, содржината на т.н. „Епсиновите досиеја“ укажува на мрежа која со децении функционирала преку меѓународни канали, при што жртвите биле пренесувани преку граници. Документите, како што се наведува, имплицираат и вмешаност на високи политички фигури, јавни личности и влијателни бизнисмени.
„Комерцијализацијата и брутализацијата на телата на младите жени и девојчиња мора да добијат целосно објаснување“, се наведува во реакцијата.
Експертите остро го критикуваа досегашниот одговор на институциите, оценувајќи го како недоволен и несразмерен со сериозноста на наводните злосторства и страдањата на жртвите. Тие предупредуваат дека ваквиот пристап создава „култура на неказнивост“, која најмногу ги погодува жените и девојчињата и го поткопува принципот на еднаква заштита на човековите права.
Воедно потсетија дека државите имаат обврска, согласно меѓународното право, активно да спречуваат трговија со луѓе, да ги идентификуваат и заштитат жртвите и да обезбедат правна одговорност за сторителите.
Контроверзните документи беа објавени од Министерство за правда на САД на почетокот на годинава, кога беа откриени милиони страници материјали, илјадници видеа и стотици илјади фотографии. Сепак, голем дел од содржината останува редигирана, што предизвика незадоволство кај преживеаните жртви и нивните семејства.
Џефри Епситн беше пронајден мртов во 2019 година во затвор во Њујорк, каде што чекаше судење по обвиненија за трговија со малолетнички за сексуална експлоатација. Неговата смрт беше официјално прогласена за самоубиство, но случајот и понатаму предизвикува глобални контроверзии.