Есента во Европа подготвува необичен температурен пресврт.

Октомври носи изненадувања, од маица преку ден до зимска јакна наутро

Од 20 до 24 октомври, делови од континентот ќе бидат зафатени од бран на топол воздух, со температури што ќе достигнат и до 23 степени Целзиусови. Но, топлите попладниња ќе имаат сосема поинаква слика од студените утра, кога температурите на одредени места ќе се приближуваат до нулата.

Додека календарот покажува дека октомври полека се приближува кон крајот, временските услови во делови од Европа накратко би можеле да потсетуваат на доцно лето.

Според прогнозите на полските метеоролози, над западниот и северниот дел на континентот се развива голем антициклон кој во наредните денови ќе го промени движењето на воздушните маси. Неговото постепено поместување кон исток ќе овозможи навлегување на потопол воздух од јужна Европа.

Најизразено затоплување се очекува во Централна Европа, особено во Полска, каде што меѓу 20 и 24 октомври дневните температури би можеле да достигнат од 17 до 23 степени.

Тоа е дури пет до десет степени над вообичаените вредности за овој период од годината во погодените подрачја.

Од маица преку ден до зимска јакна наутро

Она што го прави ова затоплување особено интересно е големата разлика меѓу дневните и ноќните температури.

Иако попладнињата ќе бидат сончеви и пријатно топли, ведрото небо ќе овозможи брзо ладење во текот на ноќта.

Во некои области утринските температури ќе се движат меѓу нула и шест степени, а во низините и котлините ќе постојат услови за појава на слана.

Така, во ист ден граѓаните би можеле да имаат чувство на речиси летно време во попладневните часови, а во раните утра да се соочат со вистински есенски студ.

Шпанија веќе со температури над 30 степени

Додека Централна Европа го очекува затоплувањето, делови од Шпанија веќе бележат температури карактеристични за летните месеци.

Во Севиља се измерени 33,2 степени, а во Уелва 32,1 степен Целзиусов. Топлиот воздух од јужните делови на континентот, во комбинација со атмосферските промени, се очекува да влијае и врз временските услови во Централна Европа.

Сепак, најновите временски прогнози не се целосно усогласени околу интензитетот на затоплувањето. Додека полските метеоролошки анализи најавуваат локални температури до 23 степени, други прогнози за Полска покажуваат поумерени вредности и можни врнежи.

Топлиот октомвриски бран нема да ја заобиколи ниту Македонија. Според објавените метеоролошки прогнози, во првата половина од следната недела се очекува претежно сончево и релативно топло време, со дневни температури што во одделни делови од земјата ќе достигнат до 25 степени Целзиусови.

И Македонија ја очекува октомвриско затоплување: Температури до 25 степени

Во понеделник, 19 октомври, максималните температури ќе се движат од 17 до 25 степени, додека во вторник се очекуваат од 19 до 24 степени. Во среда, 21 октомври, и натаму ќе биде топло, со температури од 20 до 25 степени, но со постепено зголемување на облачноста.

За Скопје, прогнозите покажуваат дневни температури од околу 22 степени во понеделник, вторник и среда. Утрата, сепак, ќе бидат значително постудени, со температури што на почетокот на неделата можат да се спуштат на само три до пет степени.

Но, топлото време нема да потрае цела недела. Од четврток, 22 октомври, се очекува зголемување на облачноста и појава на врнежи од дожд, кои ќе продолжат и во петок. Дневните температури во Скопје ќе се намалат на околу 19–20 степени.


Така, и Македонија ќе го почувствува октомврискиот временски контраст – студени утра, сончеви и топли попладниња, а потоа повторно враќање на пооблачно и поврнежливо есенско време.

е-Трн да боцка во твојот инбокс