Со гала-концертот „Љубов“ на светски познатата оперска уметница Ермонела Јахо од Албанија и американскиот тенор Чарлс Кастроново, на 12 јули во Античкиот театар ќе биде отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Врвните солисти ќе настапат под диригентската палка на италијанскиот маестро Марко Боеми, во придружба на Националната опера и балет.
Годинашното издание ќе трае 40 дена и ќе понуди околу 50 културни настани од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот. На фестивалските сцени ќе настапат повеќе од 700 уметници од 24 земји од светот.
„Охридско лето не е само фестивал, туку традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите“, изјави директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Јубилеи и меѓународни вечери
Во рамките на фестивалската програма ќе бидат одбележани два значајни јубилеи – 100 години од раѓањето на оперската дива Ана Липша Тофовиќ и 60 години од основањето на Факултетот за музичка уметност – Скопје. Со поддршка на дипломатските претставништва во земјава ќе бидат организирани национални вечери посветени на Австрија, Шпанија, Велика Британија, Италија, Франција, Холандија, Грција, Словачка, Унгарија и Полска, како и Вечер на Европската Унија.
Фестивалот традиционално ќе им даде простор и на младите таленти преку програмата „Подиум на млади“, која ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во соработка со Музичката младина на Македонија.
Новина – четири вечери посветени на џезот
Новина во годинашната програма се концертите на џез-музика, кои ќе се одржат од 13 до 16 август на сцените „Долни Сарај“ и „Света Софија“.
Љубителите на џезот ќе имаат можност да слушнат врвни музичари од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и Македонија.
„Охридско лето“ со рекордна посетеност
Минатогодишното 65. издание на фестивалот било едно од најуспешните во последната деценија, со над 10.000 посетители и публика од повеќе од 30 држави од сите континенти.
Според организаторите, интересот за фестивалот има значајно влијание и врз туристичката промоција на Охрид како културна дестинација.
Шекспиров „Кориолан“ во „Света Софија“
Во рамките на програмата, на 15 јули во предворјето на црквата „Света Софија“ ќе биде изведена премиерата на „Кориолан“, една од најсилните политички трагедии на Вилијам Шекспир. Претставата е во адаптација и режија на американскиот режисер Џон Блондел, а ќе ја изведе ансамблот на НУ Народен театар Битола.
„Кориолан“ отвора современи теми за моќта, политиката, манипулацијата и одговорноста, преку модерен сценски пристап и силна актерска игра.
Ова е петта соработка на Блондел со Народниот театар Битола, партнерство кое досега донесе повеќе наградувани театарски продукции.