Охридскиот аеродром од денеска добива нова европска авио-поврзаност, со воспоставување директна линија меѓу Виена и Охрид. Новата рута ќе ја оперира австриската авиокомпанија Austrian Airlines, со што се проширува меѓународната поврзаност на југозападниот дел од Македонија.
Со новата линија, Охрид добива уште една значајна дестинација во Европа, што се очекува да придонесе за зголемување на туристичкиот сообраќај и подобра достапност на регионот за странските посетители, особено во туристичката сезона.
По повод првиот лет од Виена кон Охрид, на аеродромот е најавена прес-конференција. На настанот ќе се обратат генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, заменик-шефот на Мисијата во Австриската амбасада во Скопје, Матијас Хуменбергер, како и вишиот директор за продажба за Централна и Источна Европа, Израел и Турција во групацијата Луфтханза, Штефан Линхарт.
Новата линија се гледа како уште еден чекор во зајакнување на авио-поврзаноста на Македонија со европските центри и поддршка на туризмот во Охридскиот регион.