Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ од раните утрински часови го расчистуваат централното градско подрачје од отпадот што останува по ноќните собирања на туристите на кејот „Македонија“ и во центарот на Охрид.
Комуналните работници се на терен од 6 часот утрово, собирајќи пластични шишиња, чаши, лименки, хартија и друг отпад од јавните површини, со цел градот повторно да биде чист и уреден пред почетокот на новиот туристички ден.
Големи ноќни собирања, големи количини отпад
Од ЈП „Охридски Комуналец“ посочуваат дека ваквата појава не е карактеристична само за Охрид. Речиси сите големи туристички центри кои во летниот период организираат концерти, фестивали и други масовни настани се соочуваат со истиот предизвик.
Големите ноќни собирања, особено на млади посетители, создаваат значителни количини отпад, поради што комуналните служби во раните утрински часови спроведуваат интензивни акции за чистење.
Слични сцени, како што наведуваат, може да се видат и во туристички градови како Сплит, Барселона и други европски дестинации кои во летната сезона привлекуваат голем број посетители.
Апел до туристите и граѓаните
Од претпријатието апелираат до сите посетители и граѓани да придонесат за зачувување на чистотата на градот.
Оттаму повикуваат отпадот да се одлага во поставените корпи и контејнери, а со одговорно однесување да се помогне Охрид да остане уредна и привлечна туристичка дестинација.