Ohrid Wine Festival Vol. 5 носи три фестивалски вечери на Кеј Македонија, со македонски вина, домашни музички имиња и летна атмосфера покрај езерото.
Од 25 до 27 јуни, Кеј Македонија во Охрид ќе биде едно од најживите места за вечерна програма, музика, дружење и летна атмосфера покрај езерото. Петтото издание на Ohrid Wine Festival носи три фестивалски вечери посветени на македонското вино, домашната музичка сцена, гастро понудата и публиката што секое лето бара нови причини за излегување, средби и убави моменти во Охрид.
Годинава фестивалот ја става домашната винска приказна во прв план. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат исклучиво македонски вина од домашни винарии и производители, со цел да се доближат квалитетот, вкусот и трудот што стојат зад локалното производство.
Во овој формат, виното не е само дел од понудата, туку повод за разговор, наздравување, откривање нови етикети и поддршка на македонската винска сцена.
Музичката програма е создадена за различни генерации и вкусови. На 25 јуни ќе настапат Група Сарај, Дани Димитровска и Меморија. На 26 јуни фестивалската атмосфера продолжува со Брос Марама, Ѓоко Ѓорчев со Кате Танева, Куку Леле и Пауза за ракија.
Финалната вечер, на 27 јуни, ќе ја одбележат Солзи и Смеа, DJ Fic, Битолски камерен оркестар и Суперхикс.
Со ваква програма, Ohrid Wine Festival не се потпира само на музичките настапи, туку на целото доживување што се создава кога на едно место ќе се спојат публика, вино, храна, музика и вечерна раздвиженост покрај езерото.
Кеј Македонија ќе биде простор за дегустација, прошетка, средби со пријатели и уживање во тридневна содржина што дополнително го збогатува летниот календар на Охрид.
Ohrid Wine Festival Vol. 5 годинава се позиционира како настан што го поврзува туристичкиот ритам на градот со македонската винска традиција и домашната музичка сцена. Фестивалот ќе се одржи од 25 до 27 јуни на Кеј Македонија во Охрид, со програма наменета за охриѓани, туристи, посетители и сите љубители на виното, музиката и добрата летна атмосфера.