Издавачката куќа „Или-Или“ го објави на македонски јазик славниот филозофски дијалог „За државата“ од римскиот државник и мислител Марк Тулиј Кикерон. Преводот од латински јазик го потпишува Ања Кузмановска, а изданието е дел од едицијата „Арго“ и е финансиски поддржано од Министерството за култура и туризам. Ова дело доаѓа по објавувањето на Кикероновата „Втора филипика“ во 2022 година.
Делото „За државата“ (De re publica) на Марк Тулиј Кикерон е напишано како филозофски дијалог во шест книги. Дејството е сместено во 129 г. пр. н. е., а главни учесници во дијалогот се Публиј Корнелиј Скипион Ајмилијан и неговиот пријател Гај Лајлиј, заедно со други угледни римски државници. Преку нивната расправа Кикерон ги разгледува прашањата за најдоброто државно уредување и за улогата на доблесниот граѓанин и државник во зачувувањето на општото добро. Делото е особено значајно и по познатиот „Сон на Скипион“ (Somnium Scipionis), во кој се истакнуваат моралната одговорност на државникот и високата должност да ѝ се служи на татковината.
„За државата“ не е зачувана во целост. Поголемиот дел од текстот е изгубен, а денешното издание се темели врз фрагменти, цитати кај подоцнежни автори и врз делови од изворникот откриени во XIX век на еден палимпсест од Ватиканската библиотека. И покрај фрагментарната зачуваност, делото претставува значаен извор за проучување на римската политичка мисла и за разбирање на Кикероновите политички и филозофски ставови.
