Охрид станува ликовна сцена на светот: 17 уметници од повеќе земји на првата колонија „Лихнид – Охрид“

Од 1 до 9 септември во Охрид ќе се одржи првата Меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“, со 17 уметници од Македонија и странство.

Охрид од 1 до 9 септември ќе биде домаќин на првата Меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“, на која ќе учествуваат 17 уметници од Македонија и повеќе земји од светот. Колонијата е организирана од Општина Охрид со цел да создаде простор за уметничка размена, меѓународна соработка и афирмација на охридското културно и природно наследство.

Во текот на деветдневниот престој, учесниците ќе создаваат дела инспирирани од охридските пејзажи, архитектурата, културното наследство и специфичниот амбиент на градот. Меѓународното учество го сочинуваат уметници со различни творечки определби и богато професионално искуство. Од Полска пристигнува Анета Гајос, акварелистка и графичарка и основачка на IWS Polska, додека Словачка ќе ја претставува Наталија Студенкова, академска уметница со украинско потекло и организаторка на меѓународни уметнички настани. Од Турција ќе учествува академската сликарка Ѓулај Јуксел, која зад себе има 51 самостојна изложба.

Канада ќе ја претставува уметникот со македонски корени Мајкл Клоуз, дипломец на Ontario College of Art, кој досега реализирал повеќе од 140 самостојни изложби. Од Велика Британија доаѓа Жужана Ардо, визуелна уметница, писателка и кураторка чијашто работа ги поврзува уметноста, науката и општеството.

Србија ќе биде претставена од академскиот сликар и историчар на уметност Меџид Факиќ, универзитетски професор и автор на 64 самостојни изложби. Од Индија ќе учествува Раџат Субхра Бандопадхјај, уметник познат по акварелите инспирирани од индиската култура и традиција.

Бугарија ќе ја претставува графичарката Павлина Копано-Боботанова, која живее и работи во Истанбул. Во своето творештво користи рачно изработена хартија и истражува текстури, релјефни структури и колорит.

Македонската уметничка сцена ќе ја претставуваат повеќе автори. Уметничка раководителка на колонијата е академската сликарка, магистер и куратор Славица Танеска, која го изработила и визуелниот идентитет и логото на манифестацијата.

Меѓу учесниците се и проф. д-р Фехим Хусковиќ, академски сликар, графичар, професор и академик со околу 120 самостојни изложби и повеќе од 40 национални и меѓународни награди, како и проф. м-р Мирко Вујисиќ, академски графичар и сликар и редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ. Охрид ќе биде претставен од Славко Упевче, еден од позначајните современи охридски уметници, кој повеќе од пет децении создава дела инспирирани од охридската архитектура, природата и културното наследство.

Во уметничката програма учествува и Лидија Вујисиќ, графичарка и долгогодишна професорка по графика и графички дизајн, која има учествувано на околу 200 домашни и меѓународни изложби.

Меѓу македонските учесници се и охриѓанката Емел Махмуд, академска сликарка и ликовна педагогиња, која инспирацијата ја наоѓа во природата, охридските пејзажи и духовната филозофија, како и Никола Упевче, академски сликар, конзерватор, реставратор и мозаичар, автор на повеќе мозаични проекти, меѓу кои и монументалната „Мозаична мапа на Охрид и Лихнид“.

Од Куманово доаѓа академскиот сликар Андреј Антевски, кој во 2025 година ја реализирал својата прва самостојна изложба „Секојдневие“ и е добитник на наградата „Борко Лазески“. Учесник на колонијата е и охриѓанецот Тони Попов, мултимедијален уметник, сликар и поет, кој досега реализирал 15 самостојни изложби. Преку својата Летна уметничка школа „Пробај уметност“ работел и со повеќе од 200 деца.

Првата Меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“ има амбиција да прерасне во место за средба на различни уметнички поетики и култури. Преку создавањето нови дела во Охрид, организаторите сакаат да ја поттикнат меѓународната соработка и истовремено да го промовираат градот како важен културен и уметнички центар, со богато природно и културно наследство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс