Бистра Георгиева: Приказната мора сама да си го најде патот до децата

Особено се радувам што во Болоња се претставив со мојата последна сликовница „Хотелот Попитоп“ – еден оригинален и автентичен концепт во кој околу триесетина деца комплетно ја илустрираа приказната која заедно ја пишувавме. Исто така, иако не знам во кој куфер успеале да ја соберат 😊, на саемот беше и мојата „Џиновска продавница за фантазии“ која веќе има втор тираж во Македонија, а шпанскиот превод се’ уште се продава во Шпанија и Јужна Америка.

Најголемиот светски саем за детска литература „Bologna Children’s Book Fair“ годинава отвори простор и за македонските автори, ставајќи ги на мапата на глобалната книжевна сцена, а меѓу нив е и Бистра Георгиева, писателка која со своите сликовници гради автентични светови за најмладите, далеку од трендови, но блиску до детската имагинација. Со неа разговараме за значењето на настапот во Болоња, предизвиците на современата детска литература и за тоа како приказните го наоѓаат својот пат до децата во дигиталното време.

Трн: Што значи за тебе лично учеството на Саемот во Болоња и колку ваквите меѓународни настани реално помагаат за видливоста на македонските автори?

Бистра: Ова е прва година како македонската литература за деца се претставува на Саемот на книга за деца во Болоња, и според мене тоа е многу важен исчекор за промоција на нашите автори надвор од Македонија. Благодарение на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), нивните напори, труд и ентузијазам, успеавме да се собереме 32 автори и 19 илустратори во еден каталог, да спакуваме дел од нашите книги и да ги споделиме со светот.

Фото: МАИ (Макдонска асоцијација на издавачи).

Особено се радувам што во Болоња се претставив со мојата последна сликовница „Хотелот Попитоп“ – еден оригинален и автентичен концепт во кој околу триесетина деца комплетно ја илустрираа приказната која заедно ја пишувавме. Исто така, иако не знам во кој куфер успеале да ја соберат 😊, на саемот беше и мојата „Џиновска продавница за фантазии“ која веќе има втор тираж во Македонија, а шпанскиот превод се’ уште се продава во Шпанија и Јужна Америка.

Трн: Мислиш ли дека македонската детска литература ги следи светските трендови или има свој пат?

Бистра: Никогаш не сум била следбеник на трендови. Не мислам дека уметноста, било каква, треба да следи трендови. Мислам дека тие имаат потенцијал да ја угушат автентичноста. Така што, доста сум ослободена од така наречените „светски“ и „европски“ трендови, бидејќи приказната и илустрацијата се раѓа од друго место, по природен пат, единствено во време кога е доволно созреана за да излезе од авторите.

Она што е позначајно е како да се најде начин таа, приказната, илустрацијата, да си го најде патот до децата читатели. И тоа е макотрпна работа, бара многу ангажираност на издавачите и писателите, многу промоција, многу контакти, лични средби, вакви како во Болоња, но и мушнување помеѓу децата и дружење со нив.

Имаме убави македонски приказни, илустратори, соработки помеѓу автори, изданија и навистина треба да сме горди за тоа, да го раскажуваме и промовираме надвор, а се разбира при тоа да останеме критични.

Трн: Дали децата денес имаат потреба од поинакви приказни поради ова дигитално време во кое живееме?

Бистра: Веројатно. Или секако. И ние возрасните имаме веќе поинакви потреби. Иако, да бидам искрена, барем во детската литература, како да се (про)наоѓа некое сигурно место кое никој не може да го допре, некои приказни и фантазии кои надминуваат било каква реалност и при тоа успеваат да ги заинтригираат децата. Не знам, сепак не сум сосема сигурна. Ми се чини оти зависи и од тоа колку се изложени децата на екран, од која возраст, што гледаат, со какви играчки си играат, колку време поминуваат во природа…

Трн: Дали постои рецепт за добра детска приказна или сè е интуиција? Ја имаш ли најдено формулата за тоа што сакаат денешните деца да читаат?

Бистра: Да постоеше рецепт, подготвувајќи го, сите ќе бевме добри или лоши писатели на исти начин.

Но, точно е дека постојат некакви принципи и формули за успех и тоа најдобро го забележуваме во долгометражните анимирани филмови од холивудските студија. Исто како што постојат математички прецизни структури, за бројот на карактери, ликови или  односи што ја носат приказната.  Сепак, и тие формули некои ги менува со текот на времето, или ги разбива, создавајќи нови автентични нарации.

Така што мојот одговор секако би бил дека апсолутно се’ e  интуиција или барем така треба да биде.

Трн: Дали постои тема што сè уште не си ја обработила, а силно те привлекува?

Бистра: Тема не. Но, ме привлекуваат раскази или романи за тинејџери и за возрасни, во различни жанрови: хорор, љубовни. Некако, многу сум претпазлива и можеби плашлива за да почнам нешто такво да пишувам. А, и многу се обесхрабрувам кога читам литература за возрасни. При крај сум со прекрасната „Моби Дик“ и маестралниот, импресивен превод на Огнен Чемерски, и читајќи ја постојано си велам: зарем може било кој, после ова, да се „осмели“ да седне и да пишува?

А тоа пак, ретко, речиси никогаш, не ми поминува низ глава кога читам литература за деца 😊.

Трн: Следен проект, книга..?

Бистра: Наскоро треба да излезат нови пет сликовници од едицијата „Стела и Сани“, многу се радувам бидејќи мислам дека се исклучително забавни. Но, имам и трема. На пример, се прашувам дали книга со наслов „Како да го прескокнеш вторник?“  би „поминала“ добро кај децата.  

Друг проект во кој влегуваме заедно со издавачката куќа „Фуснота“ е реиздавање на мојата прва сликовница „Приказна за Ото, Ото и Ото“, која досега беше дистрибуирана единствено низ градинките и училиштата. Таа ја работев заедно со шпанската илустраторка Моника Каретеро и, на заедничко задоволство, конечно ќе ја направиме достапна за најмалите читатели во книжарниците.  Паралелно, работам и мислам на уште нешто за деца, промислувам, обмислувам, смислувам. Забрзувам, па успорувам…

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни