Од пријава до убиство – Како жените ја плаќаат цената на институционалните пропусти

ДЗР: „Мерките и активностите на институциите не обезбедуваат ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство. Бројките за жртви и сторители не се подобруваат, а обврските од Истанбулската конвенција остануваат неисполнети“

Трагичната смрт на мајката и нејзината шестгодишна ќерка во скопската населба Карпош ја потресе целата јавност и повторно ја отвори дилемата: дали системот за заштита од семејно насилство навистина постои?

Истрагата е во тек, а деталите се уште не се објавени, но едно прашање веќе се наметнува: ако претходно биле пријавувани случаи на насилство, зошто институциите не интервенираа навреме?

Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, во Министерствот за труд и социјална политика објавена во август 2025 година јасно истакнува дека „Мерките и активностите на институциите не обезбедуваат ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство. Бројките за жртви и сторители не се подобруваат, а обврските од Истанбулската конвенција остануваат неисполнети“.

И покрај забелешките на ДЗР дадени уште во август 2025, забелешките не се усвоени и системот резултираше со нови жртви. Овој пат на мајка и дете.

Што утврди ДЗР во 2025 година?

Државната ревизија утврди дека само 43% од предвидените активности за спроведување на Истанбулската конвенција се реализирани. Засолништата покриваат само 37% од реалните потреби, а голем број центри не работат – некои поради истечени договори за закуп. Програмата за реинтеграција на жртвите, иако конечно донесена, нема утврден временски период, нема јасни цели и нема мерливи индикатори – состојба која, според ревизорите, создава ризик за евалуација на нејзините резултати.

Ревизијата утврди и сериозен јаз помеѓу капацитетите и реалните потреби. Согласно стандардите на Истанбулската конвенција, државата треба да обезбеди 184 легла во засолништа, постојат само 67, или 37% од потребното. Советувалишта се воспоставени 11 наместо потребните 19. Територијалната распределба е нерамномерна: Југоисточниот и Североисточниот регион немаат ниту едно легло во засолништата на Центрите за социјални работи, а во Југоисточниот регион нема воспоставено ниту едно советувалиште.

Статистиката не се менува: мажите се сторители, жените – жртви

Според податоците на МВР за периодот 2018-2023, извршени се 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство. Регистрирани се 6.423 сторители, од кои 91% се мажи, и 6.663 жртви, од кои 79% се жени. Бројот на мажи сторители на кривични дела е девет до единаесет пати повисок од бројот на жени.

Во периодот 2020-2023, центрите за социјална работа евидентирале вкупно 6.282 нови жртви на семејно насилство, со благ пораст низ годините. Соодносот помеѓу сторители и жртви останал речиси непроменет во текот на целиот ревидиран период.

Во февруари 2023 година Кривичниот законик беше усогласен со Истанбулската конвенција – криминализирано е родово базираното насилство, зголемени казните за сексуално насилство, а фемицидот е третиран како квалификуван облик на убиство. Сепак, ревизијата констатира дека гонењето за телесна повреда сè уште се врши по предлог на жртвата, со што притисокот врз жртвите директно влијае на ефикасноста на правосудниот систем.

Во извештајот ДЗР упати 34 препораки до Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, МВР и Центрите за социјални работи.

Како во теорија се постапува по пријава за семејно насилство?

Според законските процедури, по пријава за семејно насилство полицијата треба да направи проценка на ризик, да предложи заштитни мерки и да го извести обвинителството. Центарот за социјална работа е должен да понуди мерки за заштита и поддршка за жртвата, а судот може да изрече привремени забрани и други безбедносни мерки. На хартија, механизмите постојат, прашањето е дали функционираат навремено и координирано.

Она што покажува последниот трагичен случај е дека институциите не постапиле навремено: „Денес потфрли МВР, социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата“, објави братот на почината и потенцира дека „државата овозможи да згаснат млади животи“ и дека ќе бара правдата да се истера до крај.

Магдалена Чадиноска Кузманоски, социјален ментор за прашањата за насилство врз жените во „Паблик“, вели дека многу жени жртви со кои работела се чувствувале немоќни поради „летаргичноста на системот“ и често се соочувале со суицидни мисли. „Тоа не се случува одеднаш. Се случува по секоја пријава на која не е соодветно постапено. По секое ‘Не сме ние надлежни’. По секое ‘Имаш ли каде да одиш, да не ти биде полошо сама со детето?’ По секое ‘Дојдете утре, а до тогаш Господ нека ти е на помош’“, вели таа.

Официјалните бројки покажуваат дека проблемот со семејното насилство во Македонија е структурен. Од 2019 до 2023 година се евидентирани околу 20 фемициди, од кои 19 жени биле убиени од сегашни или поранешни партнери, најчесто во нивните домови. Во 2022 година МВР регистрирало 1.117 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои 79% жртви биле жени, а 92% сторители – мажи. Во првите три месеци од 2025 година имало 391 нова жртва, од кои 284 биле жени и 54 деца.

Активистката Сара Миленковска истакнува дека „жените и девојките во Македонија ниту се заштитени од насилство, ниту системот ги препознава. Многу често, во обидот за креирање подобри стратегии, се заборава дека ова е политичко, а не само женско прашање“.

Според податоците на Еуростат, Македонија се наоѓа на третото место во Европа по стапката на фемициди, со шест жени на еден милион жители, додека европскиот просек е четири на милион. Тоа го поставува прашањето дека ова не се изолирани „семејни трагедии“, туку резултат на системски пропусти.

Невладината организација „Хера“ посочува дека главниот проблем не е во законот, туку во неговата имплементација. „Во многу случаи постоеле претходни пријави, закани или индикации за ризик. Кога институциите веќе имале сознанија за насилство, а не спречиле ескалација, се поставува прашањето дали постапувањето било навремено, координирано и соодветно“, велат од Хера. Тие додаваат дека структурните слабости во системот за социјална заштита се очигледни: недоволен број на стручни лица, преоптовареност со предмети, недостиг од специјализирани тимови за висок ризик и несензитивен кадар создаваат услови за бавно и формално постапување, оставувајќи жртвите сами со опасни ситуации.

Жртвите во лавиринтот на формални процедури

И Марта Стевковска од Stella Network нагласува: „Слабата реакција на институциите и недоследното постапување по пријавите, како и несоодветната проценка на ризикот за насилство, за жал може да доведат до најтешкиот облик на родово-базираното насилство – фемицидот. Сведоци сме дека и покрај тоа што жртвите пријавувале насилство, полицијата и обвинителството во одредени случаи не реагирале соодветно или воопшто не реагирале.“

Трагедијата во Тафталиџе не е изолирана, таа е аларм за системот: жртвите не смеат да останат сами во лавиринтот на формални процедури. Секоја институционална слабост, секое непреземено дејство чини живот. Јавноста бара транспарентност, одговорност и конкретни промени за да се спречат идни трагедии.

Како заклучок, секој случај на семејно насилство што завршува фатално поставува едно суштинско прашање: дали можело да се спречи?

Системот постои токму за да го намали ризикот кога тој е веќе познат. Последниот случај бара сериозна институционална анализа, јасни одговори и превземање одговорност – за да се зачуваат животи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс