Од 1 август парното во Скопје поскапува за 5,96%. Пресметавме колку ќе се зголемат месечните и годишните сметки за станови од 45, 60 и 80 квадрати и дали парното останува поисплатливо од греењето на струја. Скопските домаќинства приклучени на најголемиот систем за централно греење од 1 август ќе плаќаат 5,96 проценти повисока цена за топлинска енергија. Според пресметките на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), просечната месечна сметка за стан од 60 квадратни метри ќе порасне од 2.353 на 2.493 денари, односно за околу 140 денари месечно.
Но, зголемувањето не е исто за сите домаќинства. Ако се пресмета пропорционално според големината на станот, сопствениците на стан од 45 квадратни метри ќе плаќаат околу 105 денари повеќе месечно, односно приближно 1.260 денари повеќе годишно.
За стан од 60 квадратни метри, годишниот трошок ќе се зголеми за околу 1.680 денари, додека за стан од 80 квадратни метри сметката ќе биде повисока за околу 187 денари месечно, или речиси 2.240 денари годишно.
Овие пресметки се ориентациски и се базираат на моделот на РКЕ за стан од 60 квадратни метри. Конечната сметка зависи од големината на станот, топлинската моќност, потрошувачката на целата зграда, енергетската ефикасност и начинот на распределба на трошоците.
Поскапувањето од 5,96 проценти се однесува на корисниците на системот што го сочинуваат ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ Производство на топлина. За корисниците на ЕСМ Енергетика (железарско парно) цената ќе се зголеми за околу 5,18 проценти, а за корисниците на Енерџи Еколинк (поранешна Топлана Скопје Север) за околу 3,6 проценти.
Споредбата со греењето на струја покажува дека директното загревање на целиот стан со електрични греалки и радијатори останува значително поскапо. За стан од 60 квадратни метри, сезонскиот трошок би се движел меѓу 48.300 и 58.000 денари, додека кај инвертер-клима, со сезонски коефициент на ефикасност (SCOP) од 3,5, би изнесувал меѓу 13.800 и 16.600 денари.
Во моделската пресметка, инвертер-климата останува најекономично решение, доколку е правилно димензионирана и може да го загрева целиот стан. Парното, пак, и натаму е поевтино од греењето со класични електрични греалки, а негова предност остануваат рамномерното затоплување на целиот дом и предвидливите месечни трошоци.
Новата цена е утврдена врз основа на прогнозите за движењето на цената на природниот гас до крајот на годината. Од РКЕ најавија дека, доколку гасот значително поскапи, можно е пред крајот на 2026 година повторно да се утврдува нова цена што би важела од јануари 2027 година.