Венецуелската влада соопшти дека во земјата пристигнале 1.600 припадници на странски спасувачки тимови кои помагаат во потрагата по преживеани по двата силни земјотреси што ја погодија државата. Венецуелскиот политичар Хорхе Родригес изјави дека бројот на загинати се искачил на 1.430 лица, додека 3.238 се повредени, а 3.142 останале без дом.
Во меѓувреме, уште 10 држави треба да се приклучат на спасувачките операции, соопшти привремената претседателка Делси Родригес во телевизиско обраќање. Таа додаде дека околу 14.000 војници и полицајци се распоредени во регионот Ла Гваира за да одржуваат безбедност и да помагаат во заштитните мерки.
„Во последните часови, Венецуела прими 17 летови со повеќе од 1.600 спасувачи, а во следните 24 часа се очекуваат уште 25 летови“, изјави претставникот на Министерството за надворешни работи Оливер Бланко, заблагодарувајќи се на меѓународната заедница за поддршката.
Продолжува потрагата и хаосот на теренот
Спасувачките тимови се пробиваат низ областите околу државата Ла Гваира и главниот град Каракас, но делови од регионот сè уште се без присуство на служби. Многу семејства и волонтери самостојно пребаруваат низ урнатините, понекогаш и со голи раце, барајќи исчезнати блиски.
Локалните власти ја затворија патната врска меѓу Ла Гваира и Каракас поради големиот сообраќаен метеж кој го отежнува движењето на итните служби. Цивилите кои не се дел од официјалните тимови мора да имаат посебна акредитација за пристап.
Владата претходно им се заблагодари на граѓаните кои доставувале помош, често со мотори, до погодените подрачја. Државната телевизија прикажа снимки од огромни количини донации – обувки, облека и храна.
Сè уште без струја и масовни последици
Во близина на епицентарот во Морон и во Ла Гваира сè уште има прекини во снабдувањето со електрична енергија, иако во некои области снабдувањето делумно се обновува. Според Делси Родригес, околу 60% од електричната мрежа е повторно воспоставена.
Венецуелската електроенергетска мрежа со години се соочува со проблеми поради недоволни инвестиции и економски санкции, што предизвикува чести и долги прекини на струја.
54.000 лица водат како исчезнати
Иако владата зборува за стотици исчезнати и заробени, на веб-страница поддржана од опозицијата се наведуваат повеќе од 54.000 исчезнати лица. Американскиот геолошки завод (USGS) проценува дека во земјотресите со јачина од 7,2 и 7,5 степени можеби загинале над 10.000 луѓе, што би ги ставило меѓу најсмртоносните во Латинска Америка во последниот век.
Претставници на Обединетите нации (ОН) наведуваат дека речиси 7 милиони луѓе би можеле да бидат погодени, со проценета директна штета од околу 6,7 милијарди долари.
САД соопштија дека мобилизираат 150 милиони долари помош и ги ублажуваат санкциите, додека американската војска испратила два брода, а хеликоптери и авиони ќе помогнат во спасувачките операции. Производството на нафта во Венецуела, според министерката за нафта Паула Енао, не е значително погодено од земјотресите, а снабдувањето со гориво ќе биде обезбедено.