Обвинителството на ОАЕ: Копилотот со секира се обидел да изврши терористички напад

Државниот обвинител потврди дека оманскиот копилот со противпожарно орудие го нападнал капетанот за да го урне авионот кон Тел Авив.
Фото: Mohammadreza Farhadi Aref, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Обвинителството на ОАЕ официјално го оквалификува инцидентот на летот ФЗ1073 на „Флајдубаи“ како обид за терористички напад. Главниот државен обвинител Хамад Саиф ал Шамси соопшти дека копилотот го нападнал капетанот со секира за итни случаи во пилотската кабина со намера да преземе контрола врз леталото. Напаѓачот е идентификуван како Хамам ал Хамами, државјанин на Оман, а авионот со повеќе од 170 луѓе принудно слета во Саудиска Арабија.

Државниот правобранител на Обединетите Арапски Емирати потврди дека копилотот ја употребил секирата што стандардно се наоѓа во пилотската кабина за вонредни состојби и спасување при несреќи. Со неа директно го нападнал главниот пилот додека леталото било на рута од Дубаи кон Тел Авив.

Ова е првпат властите во Емиратите официјално да го означат настанот како тероризам. Агенцијата WAM пренесе дека истражителите анализираат материјални и дигитални докази за да утврдат дали напаѓачот дејствувал сам или бил дел од организирана мрежа.

Катастрофата била избегната благодарение на брзата реакција на членовите на екипажот и патниците. Тие влегле во кабината и успеале физички да го совладаат напаѓачот по наглото губење на висината на авионот.

Контролата врз леталото ја презел резервен пилот на „Флајдубаи“ кој патувал на истиот лет како патник. Тој безбедно го приземјил „боингот“ на аеродромот во Табук, на северозападот на Саудиска Арабија, каде локалните безбедносни служби веднаш го привеле осомничениот копилот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс