Обвинителот од Хаг: И Путин и Нетанјаху можат да седнат на обвинителна клупа

Вршителот на должност главен обвинител во Меѓународниот кривичен суд, Маме Мандиаје Нианг, најави одговорност за сите лидери и подготовка за можни санкции од САД.

Никој не смее да избегне правдина, без оглед на неговата политичка моќ, изјави вршителот на должност главен обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Маме Мандиаје Нианг. Во ексклузивно интервју за АФП, тој порача дека меѓународните потерници за рускиот претседател Владимир Путин и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху еден ден може да ги доведат на обвинителната клупа во Хаг, додека институцијата истовремено подготвува технички алтернативи за евентуални нови санкции од Белата куќа.

Нианг ја презеде функцијата во период кога судот во Хаг влегува во правни процеси без преседан против поранешни и актуелни светски лидери. Во својот прв разговор за медиумите откако стапи на должност, тој нагласи дека постапките на судот испраќаат јасен сигнал до секој носител на власт.

„На еден или друг начин, сите се одговорни. Се согласуваме дека никој не би смеел да избегне правда. Тоа е она што ние овде го симболизираме“, изјави обвинителот за АФП.

Како илустрација за тоа како меѓународното право стигнува до високи функционери, Нианг го посочи случајот против поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте за злосторства поврзани со неговата полициска акција наречена „војна против дрогата“. Според него, до неодамна беше незамисливо Дутерте да се појави пред суд, што покажува дека ниту еден актуелен лидер не е заштитен засекогаш. Врз таа основа, тој изрази очекување дека постапките за Путин и Нетанјаху ќе завршат со судење.

Освен рускиот претседател за воените дејствија во Украина, судот издаде налози за апсење и за израелскиот премиер Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант. Ваквите одлуки предизвикаа директен отпор во Вашингтон.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе санкции за претставници на институцијата, што обвинителот го оцени како последица на неразбирање на мандатот на судот. За да не запре работата на обвинителството доколку уследат поригорозни финансиски или правни блокади од Соединетите Американски Држави, Нианг потврди дека тимовите во Хаг веќе тестираат технички решенија за непречено функционирање.

За разлика од САД, Русија и Израел кои не ја признаваат јурисдикцијата на Хаг, Северна Македонија е земја-членка на Меѓународниот кривичен суд од 2002 година. Врз основа на Римскиот статут, македонските власти имаат ратификувана законска обврска да го приведат секое лице за кое МКС има издадено активна потерница доколку тоа стапне на територијата на државата. Тоа значи дека правните одлуки од Хаг директно ја обврзуваат македонската дипломатија и полиција при секоја меѓународна посета.

е-Трн да боцка во твојот инбокс