На Меѓународната конференција во Скопје, која официјално го означи почетокот на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, беше промовирана книгата „The Skopje Project“, чиј автор е проф. д-р Огнен Марина.
Книгата го истражува Скопје не само како град кој бил обновен по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, туку и како еден од најзначајните меѓународни урбани проекти во 20 век, реализиран под покровителство на Обединетите нации и со учество на речиси деведесет држави.
Во делото, Скопје се прикажува како симбол на меѓународна солидарност, но и како простор каде архитектурата, урбанизмот, политиката и дипломатијата се спојуваат во обид да се создаде нов, модерен и хуман град.
„The Skopje Project“ ја следи и сложеноста на визиите за градот, како и ограничувањата во нивната реализација, прикажувајќи го судирот меѓу идеализмот и реалноста во процесот на обнова. Во книгата се обработува и улогата на истакнати архитекти и урбанисти како Ернест Вајсман, Константинос Доксијадис, Јап Бакема и Кензо Танге, кои оставиле силен белег врз новиот урбан лик на Скопје.
Професорот Марина нагласува дека Скопје, уништено со околу 80 проценти во земјотресот од 1963 година, станало уникатна лабораторија за модерна архитектура и урбанистичко планирање, позиционирано меѓу Истокот и Западот.
На отворањето на конференцијата, тој истакна дека значењето на ова дело е исклучително, бидејќи потсетува дека историјата на Скопје не е само локална, туку и европска и светска, како резултат на меѓународната поддршка и солидарност по катастрофата.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оцени дека книгата има современо значење во контекст на проектот за 2028 година, нагласувајќи дека културата не е само збир на настани, туку и алатка за трансформација на градот.
Според него, како што обновата по земјотресот го постави Скопје на светската мапа на солидарност, така и проектот „Европска престолнина на културата“ може да отвори нова фаза на урбана и културна трансформација.