Nvidia официјално го претстави новиот серверски процесор „Vera“, базиран на ARM архитектура, кој е наменет за следната генерација инфраструктура за вештачка интелигенција.
Процесорот е дел од пошироката платформа „Vera Rubin“, каде што Vera ја претставува CPU компонентата, додека GPU делот го носи името Rubin. Според компанијата Nvidia, новиот чип може да обезбеди до 1,8 пати повисоки перформанси во споредба со водечките x86 процесори, иако не се наведени конкретни модели за споредба.
ARM архитектура и фокус на AI
„Vera“ е изграден на ARM архитектура и располага со 88 јадра од типот Olympus. Благодарение на технологијата Spatial Multithreading, еден процесор може да обработува до 176 thread-и по сокет, што значително ја зголемува паралелната обработка.
Процесорот поддржува до 1,5 TB LPDDR5X меморија со пропусен опсег од 1,2 TB/s, што е особено важно за работа со големи AI модели и обработка на огромни количини податоци.
Nvidia исто така го претстави и „Vera CPU Rack“ системот, кој интегрира 256 процесори, со повеќе од 22.000 јадра и 45.000 thread-и во еден систем. Според компанијата, процесорот може да се користи и самостојно за задачи како агентна вештачка интелигенција, машинско учење, аналитика и обработка на податоци.
Клиенти и индустриска примена
Меѓу првите корисници на новата платформа се наведуваат компании како Anthropic, OpenAI и xAI, кои развиваат големи јазични и AI модели.
Покрај нив, технологијата ќе ја користат и големи cloud провајдери како ByteDance, CoreWeave и Oracle Cloud, што укажува на силна насоченост кон дата-центри и AI инфраструктура. Nvidia најави дека сервери базирани на Vera ќе произведуваат и Dell, HP, Lenovo и Supermicro, додека во екосистемот се вклучени и Asus, Foxconn, Gigabyte и други големи производители на серверска опрема.
Со ова претставување, Nvidia дополнително ја зацврстува својата позиција во трката за AI хардвер, каде конкуренцијата меѓу ARM и x86 архитектурите станува сè поизразена.