Голема еколошка акција за чистење на дното на Охридско Езеро беше реализирана викендов кај автокампот Градиште, каде нуркачи од регионот отстраниле значително количество цврст отпад од езерото. Акцијата ја организирал нуркачкиот центар Амфора, а во неа учествувале околу 80 нуркачи со заедничка цел, заштита на едно од најстарите и највредни природни богатства во Европа.
Чистење на подводниот свет на Охрид
Од „Амфора“ информираа дека акцијата била насочена кон расчистување на отпадот кој со години се акумулира на дното на езерото, особено во туристички фреквентните делови околу Градиште. „Подводниот свет на Охридското Езеро беше почист и побезбеден благодарение на големата регионална еколошка акција“, соопштија организаторите.
Тие посочуваат дека ваквите иницијативи не се важни само за зачувување на природата, туку и за подигање на јавната свест за загадувањето на езерото, кое е под постојан притисок од туризмот и човечките активности.
Порака за регионална соработка и заштита на природата
Организаторите нагласуваат дека акцијата испратила силна порака за важноста на регионалната соработка во заштитата на животната средина и природното наследство. Охридското Езеро е едно од најстарите езера во Европа и е под заштита на УНЕСКО, но со години се соочува со еколошки предизвици, загадување и потреба од поголема грижа за крајбрежјето и подводниот екосистем.