Новиот Кодекс на новинарите носи 7 големи промени: Вештачката интелигенција, кликовите и приватноста под нови правила

Новиот Кодекс на новинарите на Северна Македонија носи големи промени: правила за употреба на вештачка интелигенција, исправки на текстови, заштита на приватноста, известување за ранливи групи и борба против сензационализмот.

По повеќе од две децении од последниот Кодекс, македонската новинарска професија доби нов етички документ кој треба да одговори на предизвиците што ги донесоа дигиталните медиуми, социјалните мрежи и развојот на вештачката интелигенција. Новиот Кодекс на новинарите на Северна Македонија, изработен од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ), не претставува само измена на старите правила, туку воведува стандарди за прашања кои досега не беа опфатени во македонската медиумска практика.

Една од најголемите новини е регулирањето на употребата на вештачката интелигенција во новинарството. Новиот Кодекс јасно наведува дека технологијата може да биде алатка за помош, но не смее да ја замени професионалната одговорност на новинарот. Содржини создадени или значително обработени со помош на вештачка интелигенција – текстови, фотографии, видеа или аудио материјали – треба да бидат јасно означени кога тоа е важно за разбирањето на публиката. Во време кога со неколку клика можат да се создадат реалистични лажни содржини, новиот Кодекс потсетува дека одговорноста не ја носи алгоритмот, туку човекот кој ја објавува информацијата.

Значајна промена е и јасното разграничување меѓу јавниот интерес и интересот на јавноста. Фактот дека некоја информација привлекува внимание или носи голем број кликови не значи автоматски дека медиумот има право да навлегува во приватноста на луѓето. Јавен интерес постои кога информацијата открива злоупотреби, корупција, опасност по здравјето и безбедноста или прашања важни за демократските процеси. Од друга страна, приватниот живот на јавните личности, семејните трагедии или интимните детали кои немаат влијание врз нивното јавно дејствување не смеат да бидат оправдување за сензационализам.

Нови правила се воведуваат и за дигиталните медиуми и начинот на кој се прават исправки. Со години постоеше практика текстовите на интернет незабележливо да се менуваат, без читателите да знаат што било коригирано. Новиот Кодекс бара сите суштински измени на веќе објавени содржини да бидат јасно означени, навремени и достапни за публиката. Целта е поголема транспарентност и враќање на довербата во медиумите.

Документот посебно внимание посветува и на конфликтот на интереси. Новинарската независност не може да биде нарушена само преку директни финансиски влијанија, туку и преку скриени односи, политички или економски притисоци и ситуации кои можат да влијаат врз објективноста на известувањето. Новите правила бараат поголема транспарентност и јасно нагласуваат дека корупцијата, тргувањето со влијание и прикриениот конфликт на интереси се неспоиви со професионалното новинарство.

Поголема заштита добиваат и ранливите категории граѓани. Новиот Кодекс ги обврзува новинарите да известуваат со посебно внимание кога станува збор за деца, жртви на насилство, лица со попреченост, болни лица и други луѓе во чувствителни ситуации. Наместо сензационализам и изложување на личната трагедија, во фокусот треба да бидат достоинството и човековите права.

Посебно поглавје се однесува на известувањето за самоубиства и обиди за самоубиства. Новинарите се повикуваат да избегнуваат драматични наслови, детали за начинот на извршување, романтизирање на случаите и непотребно повторување на трагедиите. Причината е што несоодветното медиумско покривање може да создаде дополнителен ризик и да придонесе за таканаречениот ефект на имитација.

Новиот Кодекс се осврнува и на користењето тајни снимки, кои остануваат дозволени само како исклучок. Такви материјали можат да бидат објавени само ако постои силен јавен интерес, ако информацијата не може да се добие на друг начин и ако открива сериозна злоупотреба или незаконско постапување. Со тоа се воспоставува баланс меѓу правото на јавноста да биде информирана и правото на приватност.

Иако Кодексот не е закон и не предвидува директни казни, неговото значење е професионално. Тој претставува договор на новинарската заедница за стандардите што треба да го водат известувањето во време на брзи дигитални промени. Во период кога медиумите се соочуваат со дезинформации, лажни содржини создадени со вештачка интелигенција и притисокот за што повеќе кликови, новиот Кодекс потсетува дека најголемата вредност на новинарството останува довербата на публиката.

Точноста, транспарентноста и одговорноста остануваат основата врз која се гради професионалното новинарство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс