Во Македонија е подготвен нов Предлог-закон за заштита и благосостојба на животните, кој предвидува значително построги правила за сопствениците на домашни миленици, како и повисоки казни за прекршувања. Според информациите објавени од „Телма“, законското решение предвидува дека сопственик кој ќе го напушти својот миленик може трајно да добие забрана за чување ново животно. Дополнително, се предлагаат значително зголемени глоби за физички лица.
Несоодветно чување или шетање куче ќе се казнува со околу 400 евра, додека сурово и нехумано однесување, мачење или усмртување на животни може да достигне казни до 5.000 евра.
Предлог-законот, кој е подготвен од Агенција за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија, во соработка со повеќе стручни и граѓански организации, има цел да го намали бројот на напуштени и бездомни животни, како и да спречи нивно неконтролирано размножување и трговија.
Во документот се предвидува забрана за постојано врзување на кучиња без дневно движење, забрана за неконтролирано размножување, како и ограничување на продажба и подарување миленици од нерегистрирани одгледувачи. Исто така, се воведува обврска за пријавување на легла кај ветеринар, а едно женско животно (кучка или мачка) ќе може да има најмногу едно легло годишно.
Регистрираните одгледувачи ќе имаат ограничувања за репродукција во период од пет години од влегување на законот во сила за нестерилизирани миленици. Се предвидува и формирање Центар за трајно згрижување и вдомување на бездомни животни, како и систем на привремени вдомувачи.
Во процесот на изработка на законот биле вклучени Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, Факултет за ветеринарна медицина – Скопје, ЗЕЛС и граѓанската организација Анима Мунди.
Од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија за „Телма“ изјавиле дека законот сè уште не е доставен до нив за владина процедура, додека од АХВ тврдат дека предлогот бил испратен на 9 април.