Нови правила за пушење: Законот оди на Влада, угостителите добиваат рок од една година

Предлог-законот за заштита од пушење во вторник ќе се најде на владина седница. Угостителските објекти ќе имаат една година да се прилагодат, а Владата најавува строги инспекциски контроли без исклучоци.

Законот за заштита од пушење во вторник ќе биде разгледан на седница на Владата, по што ќе биде испратен во собраниска процедура. Доколку биде усвоен, ќе стапи во сила веднаш, но угостителските објекти ќе добијат преоден рок од една година за да ги усогласат своите простории со новите правила.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека предлогот е резултат на консултации меѓу институциите, здравствените власти и претставниците на угостителскиот сектор, со цел да се најде решение што ќе го штити јавното здравје, но и ќе им овозможи на бизнисите време за адаптација. Тој најави дека по стапувањето на сила на законот ќе следуваат засилени инспекциски контроли низ целата држава и порача дека нема да има привилегирани поединци или региони.

„Нема да има повластени градови, населени места или објекти. Законот ќе важи подеднакво за сите. Можеби некој еднаш или двапати ќе избегне санкција, но контролите ќе бидат постојани и прекршителите ќе бидат казнувани“, истакна Мицкоски.

Министерот за здравство Азир Алиу нагласи дека новото законско решение не ја ограничува продажбата, производството или увозот на тутунски производи, туку ги регулира условите за нивна употреба и промоција во јавниот простор. Според него, законот предвидува појасни правила за пушење во затворени простории и на тераси, ограничувања за рекламирање и промоција на тутунски производи, како и мерки за заштита на децата и непушачите.

Алиу посочи дека пушењето е поврзано со околу 3.600 смртни случаи годишно во земјава, што претставува приближно 13 проценти од вкупната смртност. Дополнително, економските последици се проценуваат на околу 38 милијарди денари годишно, односно повеќе од 600 милиони евра.

Загрижувачки се и податоците за младите. Според Министерството за здравство, 13,6 проценти од младите на возраст од 13 до 15 години користат тутунски или никотински производи, а дури 73 проценти од малолетните пушачи никогаш не биле спречени да купат цигари. Од Министерството оценуваат дека новиот закон е неопходен чекор кон подобра заштита на јавното здравје, намалување на изложеноста на пасивно пушење и создавање појасни правила во јавниот простор.

Предлог-законот првично требаше да почне да се применува уште во март годинава, но беше повлечен на дополнителна доработка по реакциите на угостителите и претставниците на тутунската индустрија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс