Европската унија од средината на 2027 година ќе воведе нови правила за патниците во воздушниот сообраќај, по повеќе од 13 години преговори. Најважно е што останува правото на надомест при доцнење на лет од најмалку три часа, доколку одговорноста е на авиокомпанијата.
Износите остануваат: 250 евра, 400 евра и 600 евра, зависно од должината на летот.
Новина е што децата под 14 години ќе имаат право бесплатно да седат до родителите, како и бремени жени и лица со намалена подвижност со нивните придружници. Авиокомпаниите ќе мора бесплатно да коригираат помали грешки во имињата на билетите и да обезбедат печатење на бординг-карти.
Патниците ќе имаат загарантирани освежување, оброци, интернет и телефонски повици при подолги доцнења, а во одредени случаи и хотелско сместување. Новите правила ќе важат за сите летови што полетуваат од земји членки на ЕУ, без оглед на авиокомпанијата.