олем пожар избувна во петокот вечерта во Келштајнхаус (Kehlsteinhaus), познат како „Орловото гнездо“, историски објект поврзан со нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, сместен во Баварските Алпи над градот Берхтесгаден.
Според германската полиција, алармот за пожар бил активиран околу 21:15 часот, а првите противпожарни екипи пристигнале во 21:52 часот. Во тој момент објектот веќе бил зафатен од голем пожар, а пламенот бил видлив од голема оддалеченост.
Во интервенцијата учествуваат околу 200 пожарникари и припадници на спасувачките служби. Гаснењето е отежнато поради непристапниот планински терен и височината на која се наоѓа објектот.
Приведено едно лице, причината за пожарот се истражува
Германската полиција потврди дека едно сомнително лице е привремено приведено во близина на местото на пожарот.
Според германскиот весник „Билд“, станува збор за мотоциклист кој се движел во спротивна насока од противпожарните екипи што пристигнувале кон објектот.
Сепак, полицијата нагласува дека допрва треба да се утврди дали приведеното лице има каква било поврзаност со пожарот.
Истрагата ја презеде криминалистичката полиција во Траунштајн, под надзор на надлежното обвинителство.
Според досегашните информации, во објектот немало луѓе во моментот кога избувнал пожарот и не се пријавени повредени.
Der Brand hat wohl etwa um 21:13 begonnen. #kehlstein #Berchtesgaden #eaglesnest #Kehlsteinhaus https://t.co/vhSEaXusNt
— icyerasor (@icyerasor) October 23, 2026
Историски објект што ја преживеал Втората светска војна
Келштајнхаус бил изграден во 1938 година како репрезентативен објект за нацистичкото раководство и неговите гости.
Иако е познат како „Орловото гнездо на Хитлер“, историските податоци покажуваат дека нацистичкиот диктатор ретко го посетувал. Неговата главна планинска резиденција била Бергхоф, сместена на друга локација во истиот регион.
Објектот ја преживеал Втората светска војна речиси неоштетен, а од 1952 година функционира како планински ресторан и туристичка атракција.
Денес е во сопственост на германската покраина Баварија и претставува историски споменик поврзан со периодот на националсоцијализмот.
Засега не е познат точниот размер на материјалната штета, ниту дали пожарот предизвикал неповратни оштетувања на историскиот објект.
