Изложеноста на чад од шумски пожари за време на бременоста е поврзана со поголем ризик од аутизам кај децата, покажува нова студија објавена во списанието „ЈАМА Педијатрија“. Истражувањето опфатило околу 900.000 парови мајка и дете во Соединетите Американски Држави, кои биле следени во просек шест години. Резултатите покажуваат дека децата чии мајки дишеле ситни честички од чадот на пожарите почесто добивале дијагноза за аутизам.
Според податоците, секое зголемување на просечната концентрација на ситните честички од пожарите за 0,75 микрограми на кубен метар во текот на бременоста е поврзано со 30 отсто поголем ризик од аутизам. Најсилната поврзаност е забележана во вториот и третиот триместар. Тоа е период кога мозокот на бебето брзо се развива и кога се формираат врските меѓу нервните клетки.
Водечката авторка на студијата, епидемиологот Стефанија Папатеодору од Школата за јавно здравје при Универзитетот Ратгерс, објаснува дека бременоста е чувствителен период во кој факторите од околината можат да се вмешаат во важните развојни процеси. Аутизмот е поврзан со сложени невроразвојни процеси што започнуваат уште пред раѓањето. Затоа истражувачите сметаат дека е важно да се следат шумските пожари и нивното влијание врз квалитетот на воздухот кај бремените жени.
Чадот од шумските пожари содржи ситни честички, гасови и други загадувачи, а неговиот состав зависи од тоа што гори. Пожарите често зафаќаат и пластика, електроника и бои, кои ослободуваат токсични хемикалии во воздухот. Ситните честички навлегуваат длабоко во белите дробови и предизвикуваат воспаленија низ целото тело, што е еден од можните механизми преку кои би можеле да влијаат врз бременоста и развојот на плодот.
Истражувачите предупредуваат дека чадот може да патува далеку од местото каде гори пожарот, па изложеност е можна дури и кога чадот не се гледа. Досегашните истражувања го поврзуваат со астма, хронични белодробни болести и проблеми со менталното здравје. Ова е особено важно за земјите како Македонија, каде секое лето шумските пожари го влошуваат квалитетот на воздухот и во населените места подалеку од нив.
Авторите сепак нагласуваат дека студијата е опсервациска и не може да докаже директна причинско-последична врска меѓу чадот и аутизмот. Тие истакнуваат дека е потребно понатамошно истражување за тоа како факторите од околината, заедно со генетиката и другите влијанија, придонесуваат за развојот на аутизмот. Мерките за намалување на изложеноста, како подобри прогнози за квалитетот на воздухот и спречување на чадот да навлегува во домовите, би можеле да помогнат во заштитата на здравјето на мајките и децата.
