Конфликтот меѓу САД и Иран добива нова димензија откако јеменските Хути, сојузници на Техеран, се заканија дека ќе напаѓаат бродови што превезуваат саудиска нафта. По заканите, најмалку два танкера со нафта наменета за Кина и Индија го сменија курсот во Црвеното Море.
Според податоците за движењето на бродовите, танкерите откако ја натовариле нафтата во саудиското пристаниште Јанбу наместо да продолжат кон теснецот Баб ел-Мандеб и Индискиот Океан, се насочиле кон Суецкиот канал.
Хутите, кои контролираат голем дел од северен и западен Јемен, вклучително и стратешкиот брег кај влезот во Црвеното Море, во понеделникот прогласија поморска блокада на Саудиска Арабија. Во порака до бродските компании предупредија дека ќе бидат нападнати сите пловила што товарат или истовараат саудиска нафта.
Трамп предупреди: Ако се затвори Баб ел-Мандеб, ќе реагираме
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Хутите засега не го затвориле теснецот Баб ел-Мандеб, кој го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив, но предупреди дека САД ќе интервенираат доколку се случи такво сценарио.
„Досега тоа не се случило. Ако се случи нешто слично, ние ќе се погрижиме за тоа“, рече Трамп.
Новата закана доаѓа во момент кога борбите меѓу САД и Иран продолжуваат. Американските сили извршија нови напади врз цели во јужниот и западниот дел на Иран, додека Техеран возврати со напади врз американски позиции во Бахреин, Кувајт и Јордан.
Расте бројот на жртви, нафтата поскапува
Трамп потврди дека бројот на загинати американски војници во конфликтот достигнал 18, вклучувајќи четворица убиени во иранските напади врз американски бази во Јордан и Ирак. Иранските државни медиуми известија за експлозии во близина на градот Шираз, како и напади врз Конарак, Чабахар и објект во близина на Абданан.
Дополнително расте загриженоста за безбедноста на поморскиот сообраќај. Британската агенција за поморска безбедност UKMTO соопшти дека танкер во Ормутскиот теснец бил погоден од ракета, по што екипажот го напуштил бродот и се евакуирал во чамци за спасување.
Поради зголемениот ризик за транспортот на нафта, берзите реагираа веднаш. Цената на нафтата порасна за повеќе од два проценти, а барелот Брент надмина 91 долар. Новото жариште околу Црвеното Море отвора опасност конфликтот меѓу САД и Иран да се прошири и врз глобалните енергетски и трговски рути.