Нова капитална инвестиција на Пивара Скопје: Катна гаража вредна 2,8 милиони евра

Инвестицијата обезбедува над 400 паркинг места и значително ги унапредува условите за работа, безбедноста и идниот развој на компанијата

Пивара Скопје ја пушти во употреба новата катна паркинг гаража, инвестиција вредна 2,8 милиони евра, која обезбедува повеќе од 400 паркинг места и ја подобрува пристапноста и сообраќајната организација во рамки на производствениот комплекс. Инвестицијата е дел од е дел од континуираните инвестиции и одговара на растечките потреби на компанијата и нејзините вработени преку поефикасно искористување на просторот, поголема функционалност и подобрена оперативна ефикасност.

Симболично означувајќи го почетокот на новата инвестиција, официјалното пуштање во употреба го одбележаа Огњен Лазиќ, генерален директор на Пивара Скопје, и Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба.

„Во Пивара Скопје веруваме дека вистинскиот успех на една компанија не се мери само преку деловните резултати, туку и преку вредноста што ја создава за луѓето и за заедницата. Како една од водечките компании во земјата, континуирано инвестираме во модернизација, иновации и развој на нашите вработени, а истовремено придонесуваме за економскиот и општествениот развој преку бројни локални партнерства и иницијативи. Новата катна гаража е многу повеќе од инфраструктурен објект. Таа е уште една потврда на нашата долгорочна посветеност да создаваме подобри услови за работа, да ги следиме највисоките стандарди за безбедност и да инвестираме во решенија кои носат трајна вредност за нашите вработени, заедницата и идните генерации“, изјави Огњен Лазиќ, генерален директор на Пивара Скопје.

На свеченото отворање присуствуваше и Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба, кој ја поздрави инвестицијата и го истакна нејзиното значење за локалниот економски развој.

Новата катна гаража се простира на 8.880 квадратни метри, распоредени на три нивоа. Објектот располага со унапреден систем за управување со сообраќајот, подобрена сигнализација и осветлување, посебно обележани пешачки и велосипедски патеки, современ систем за противпожарна заштита и енергетски ефикасно ЛЕД-осветлување. Изградена согласно сите релевантни безбедносни и еколошки стандарди, гаражата е подготвена да ги поддржи идните развојни планови на компанијата.

Со оваа инвестиција, Пивара Скопје продолжува да вложува во современа инфраструктура и решенија што создаваат долгорочна вредност, придонесуваат за подобри услови за работа, го поддржуваат идниот раст на компанијата и ја зацврстуваат нејзината позиција како еден од најголемите инвеститори во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс