Нова директна линија Охрид–Виена: Првиот авион на Аустриан ерлајнс слета со 154 патници

Со свечен пречек на охридскиот аеродром пристигна првиот лет на Аустриан ерлајнс од Виена. Новата авиолинија ќе сообраќа двапати неделно до 18 октомври.

Охрид од денеска е поврзан со австриската престолнина преку новата директна авиолинија на Аустриан ерлајнс, која свечено беше отворена со пристигнувањето на првиот авион од Виена на аеродромот „Св. Апостол Павле“.

Првиот лет донесе 154 патници, кои беа пречекани со традиционална церемонија и сечење црвена лента. Новата линија ќе функционира до 18 октомври и ќе сообраќа двапати неделно, секој четврток и недела. Од ТАВ Македонија оценуваат дека новата рута ќе придонесе за развој на туризмот, бизнисот и економската поврзаност на земјата, овозможувајќи директен пристап до еден од најголемите европски воздухопловни центри.

„Преку оваа врска патниците добиваат брзи конекции до бројни европски и светски дестинации. Очекуваме околу 5.000 нови дојдовни патници во текот на сезоната“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

Од Аустриан ерлајнс нагласуваат дека отворањето на линијата претставува продолжување на нивното долгогодишно присуство во Северна Македонија, по три децении летови кон Скопје.

„Горди сме што го прошируваме нашето присуство со втора дестинација во земјата. Охрид станува сè попривлечен за туристите од целиот свет“, изјави Штефан Линхарт.

Според претставниците на австриската амбасада, новата авиолинија ќе придонесе за зајакнување на туристичката, деловната и културната соработка меѓу Австрија и Северна Македонија. Линијата Виена–Охрид е втора нова авиоврска воспоставена од охридскиот аеродром во текот на јуни. Претходно беа воведени летови од Вроцлав, обновена беше линијата до Катовице, а стартуваа и сезонските летови од Белград и Истанбул.

Во текот на летната сезона од охридскиот аеродром ќе се реализираат летови кон вкупно 17 дестинации, преку осум авиокомпании, што дополнително ја зацврстува позицијата на Охрид како една од најважните туристички и воздушни порти во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс