Нов земјотрес со магнитуда од 4,9 степени ја погоди северната обала на Венецуела, само неколку дена по двата разорни потреси што предизвикаа огромни разурнувања и однесоа речиси 1.000 животи. Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC), потресот бил почувствуван во Каракас и Маракај. Засега нема информации за нови жртви или материјална штета.
Спасувачките операции продолжуваат
Во меѓувреме, спасувачките тимови и натаму работат на расчистување на урнатините и потрага по преживеани во најтешко погодените подрачја од катастрофалните земјотреси што ја погодија земјата претходно оваа недела. Властите стравуваат дека бројот на жртвите би можел дополнително да се зголеми, бидејќи илјадници лица сè уште се водат како исчезнати.
Венецуелската влада соопшти дека од петок навечер ќе го ограничи пристапот до северната сојузна држава Ла Гуаира, која беше меѓу најтешко погодените региони. Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабељо изјави дека мерката е воведена за да им се овозможи на спасувачките екипи непречено да работат на терен.
Привремената претседателка Делси Родригес ги повика граѓаните да не патуваат кон Ла Гуаира, која се наоѓа на околу 40 километри од Каракас, со цел да не се попречуваат спасувачките и хуманитарните операции.