Видот, наречен Colobus congoensis, а локално познат како „Ликвели”, е претежно црн, со впечатливи портокалово-кремасти дамки околу устата и носот. Ова е дури петтиот нов вид мајмун идентификуван во Африка во последните 75 години.
Приказната започнала уште во 2008 година, кога заштитари на природата фотографирале нејасна слика на непознат мајмун во Националниот парк Ломами, во централно-источниот дел на земјата. По второ забележување десет години подоцна, меѓународен тим истражувачи од Демократска Република Конго, САД и Германија започнал детално истражување, комбинирајќи аудио-снимки, фотографии и генетски анализи. Меѓу 2018 и 2022 година, тимот забележал вкупно 114 забелешки на животното, во ареал од само 1.700 квадратни километри, невообичаено мал простор за колобус мајмуни.
Џуниор Амбоко, докторанд на Универзитетот Флорида Атлантик кој ја водеше теренската работа, разговарал со жители од 52 села во близина на живеалиштето на мајмунот. Само луѓе од осум села некогаш го виделе животното. „Тоа беше неверојатно чувство да се гледа во лицето на животно за кое толку малку луѓе воопшто знаеле дека постои”, изјави тој за BBC. Според него, мајмуните се исклучително плашливи и главно се кријат високо во круните на дрвјата, а нивниот длабок, „рикачки” повик често се слуша, но самото животно ретко се гледа.
Резултатите, објавени во научното списание PLOS One, покажаа дека Ликвели се најблиску сродни со црниот колобус мајмун, иако двата вида се одвоиле генетски пред околу 5 милиони години. Професорката Кејт Детвајлер од Универзитетот Флорида Атлантик, коавторка на студијата, објасни дека станува збор за важни африкански мајмуни без палци, жители на круните на дрвјата, кои играат клучна улога во екосистемот преку ширење семиња и обновување на шумата. Според неа, необичните ознаки на лицето веројатно служат како визуелен сигнал за привлекување партнери или меѓусебно препознавање.