Нов шок за Алкараз: Откажа уште еден турнир, под знак прашалник и настапот на УС Опен

Во календарот до крајот на сезоната остануваат уште Мастерсите во Шангај и Париз, па секој нов пропуштен турнир дополнително го зголемува притисокот врз поранешниот најмлад светски број 1.

Карлос Алкараз повторно го одложи враќањето на тенискиот терен. Шпанецот го откажа настапот на Мастерсот во Синсинати, кој требаше да биде негов голем камбек по повеќемесечната пауза.

Карлос Алкараз не игра на турнирите уште од април, кога се повлече од настапот во Барселона. Проблемот со зглобот и понатаму го спречува да се врати во натпреварувачки ритам, а неизвесноста сега се префрла и на УС Опен, кој започнува на 30 август.

Алкараз во изминатиот период објавуваше снимки од тренинзи, прво со вежби без жици и отпор, а потоа и од тренинзи со нормален рекет, што создаде надеж дека неговото враќање е блиску. Сепак, откажувањето на Синсинати покажа дека повредата сè уште не е целосно санирана.

Најголемата грижа во тенискиот свет е што проблемите со зглобот се познати како особено незгодни за професионалните тенисери. Долги паузи поради слични проблеми во минатото имаа и Доминик Тим и Хуан Мартин дел Потро.

Алкараз сега има околу три недели до почетокот на УС Опен. Една од опциите е прво да настапи на турнирот во Винстон-Салем, со цел да провери во каква форма е, но можно е и дополнително да го продолжи периодот на опоравување. Доколку не биде подготвен за Њујорк, неговото следно појавување би можело да биде дури на завршниот Мастерс во Торино или на финалниот турнир на Дејвис купот во ноември.

Во календарот до крајот на сезоната остануваат уште Мастерсите во Шангај и Париз, па секој нов пропуштен турнир дополнително го зголемува притисокот врз поранешниот најмлад светски број 1.

е-Трн да боцка во твојот инбокс