Нов напад во Ормускиот теснец, има загинат и повредени

Ирански трговски брод бил погоден со непознат проектил во Ормускиот Проток. Еден член на екипажот загинал, тројца се повредени, а засега нема потврда кој стои зад нападот.

Еден член на екипажот загинал, а тројца се повредени откако рано утрово бил погоден ирански трговски брод во Ормускиот Проток, едно од најважните светски поморски подрачја за транспорт на нафта и гас. Инцидентот се случил околу 5 часот по локално време во водите меѓу островот Хенгам и брегот на Шиб Дераз на островот Кешм, соопшти иранската државна телевизија ИРИБ, повикувајќи се на локалните власти.

Според информациите, бродот бил погоден додека минувал низ стратешки важниот морски премин. Еден член на посадата починал од последиците на нападот, додека тројца други се повредени. Иранските локални власти го опишале нападот како дело на „непријателски терорист“, но засега нема информации за идентитетот на напаѓачот. Никој не презел одговорност за инцидентот.

UKMTO потврди дека бродот бил погоден

За инцидентот известила и британската Служба за поморски трговски операции (UKMTO). Од таму соопштиле дека добиле пријава за брод погоден од непознат проектил додека пловел низ Ормускиот Проток. Во првичната информација не биле познати ниту точните размери на материјалната штета, ниту состојбата на сите членови на екипажот. Нападот дополнително ја зголеми загриженоста за безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Проток, низ кој минува значаен дел од светската трговија со енергенси.

Инцидентот доаѓа во период на веќе зголемена нестабилност на енергетските пазари.

Енергетската криза се продлабочува

Саудиска Арабија неодамна привремено го прекина работењето на нафтоводот Исток–Запад, долг околу 1.200 километри, по напад со дрон.

Ријад и Багдад тврдат дека дронот бил лансиран од територијата на Ирак, каде што дејствуваат милиции поврзани со Иран. Нафтоводот во последниот период доби особено значење како алтернативна извозна маршрута поради ограничувањата за транспорт низ Ормускиот Проток.

Според податоци цитирани од „Ројтерс“, низ него дневно можеле да се транспортираат меѓу четири и пет милиони барели нафта, што одговара на приближно четири до пет проценти од глобалната понуда. Нестабилноста веќе се одразува врз цените. Нафтата „брент“ во текот на изминатата недела повторно ја надминала границата од 100 долари за барел, додека цената на дизелот во САД достигнала рекордно ниво.

САД под притисок да се вклучат

Паралелно со растечките ризици за поморскиот сообраќај, се зголемува и притисокот врз Вашингтон да преземе поактивна улога во конфликтот. Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман побарал од американскиот претседател Доналд Трамп воена помош во борбата против Хутите.

Според информации цитирани од „Ројтерс“, САД засега одбиле директно воено вклучување, но понудиле разузнавачка поддршка.

За безбедноста на Ормускиот Проток треба да се разговара и на состанокот меѓу Иран и земјите од Заливот во Оман.

Техеран претходно порача дека не планира целосно повторно отворање на поморскиот премин доколку не бидат исполнети неговите услови. Меѓу барањата на Иран се признавање на неговата контрола врз Ормускиот Проток и право на наплата на такси од бродовите што минуваат низ него. На таквото барање се спротивставуваат САД.

Најновиот напад така дополнително ја зголемува неизвесноста околу една од најважните светски енергетски маршрути, во момент кога секое ново нарушување на пловидбата може да има последици и врз глобалните пазари на нафта и гас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс