Возачите во Македонија од полноќ плаќаат повисоки цени за горивата, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за ново поскапување на нафтените деривати. Најголемиот раст е кај дизелот, кој поскапува за 5,50 денари по литар, додека бензините ќе бидат поскапи за 1,50 денар.
Нови цени на горивата
Според одлуката на РКЕ, од 14 јули максималните малопродажни цени ќе изнесуваат:
- Еуродизел БС (Д-Е V) – 88,00 денари/литар (+5,50 денари)
- Еуросупер БС-95 – 87,00 денари/литар (+1,50 денари)
- Еуросупер БС-98 – 89,00 денари/литар (+1,50 денари)
- Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 86,00 денари/литар
- Мазут М-1 НС – 42,168 денари/килограм
Зошто растат цените?
Од Регулаторната комисија појаснуваат дека зголемувањето е резултат на растот на цените на суровата нафта и нафтените деривати на светските пазари. „Со оваа одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,59 проценти во однос на цените утврдени со претходната одлука од 6 јули 2026 година“, соопшти РК.
Додека во Македонија горивата повторно поскапуваат, Србија донесе одлука за дополнително намалување на акцизите за нафтените деривати за уште 5 проценти, со што вкупното намалување достигнува 10 проценти. Мерката ќе важи до 19 јули и има цел да го ублажи влијанието од растот на цената на суровата нафта на светските пазари.