„Носи ја промената“ преку дискусија за родово базирано насилство ги обедини експертите и меѓународните партнери во Велес

Во Europe House Велес се одржа панел-дискусија „Скршениот штит: Родово базирано насилство и институционална заштита“, како дел од караванот „Носи ја промената“.

Како дел од низата настани „Носи ја промената“ (Wear the Change) започната на Меѓународниот ден на жената, караванот инициран од Делегацијата на Европската Унија, „Тимот Европа“ (анг. Team Europe – амбасадите на земјите членки на ЕУ) и мрежата на Јуроп хаус ја донесе дебатата на 21 април (вторник) во Јуроп хаус Велес. Настанот што се одржа претставуваше панел-дискусија на тема „Скршениот штит: Родово базирано насилство и институционална заштита“.

Дебатата ги обедини меѓународните партнери, граѓанските организации и локалните експерти, кои го разгледаа клучниот општествен предизвик: јазот помеѓу законите на хартија и нивната (не)примена во пракса. Неодамнешните случаи на фемицид ја потврдија суровата реалност за постоењето на сериозни системски пропусти – институциите не преземаат одговорност и не успеваат да ги заштитат жртвите, дури и по повеќекратни пријави против насилниците.

Во панелот, модериран од Андреа Угриноска (Тииит! Инк. – Скопје), учествуваа Ана Аврамовска Нушкова од Националната мрежа „Глас против насилство“, Ангелина Димовска Стојанова од Организацијата на жени – Велес, како и амбасадорите на Шпанија и Франција, Н.Е. Рафаел Соријано Ортиз и Н.Е. Кристоф Ле Риголер. Тие се осврнаа на генералната состојба во државата и специфичните локални предизвици, јазот помеѓу законите на хартија и нивната примена, како и алармантните стапки на фемицид во Северна Македонија.

За да се најдат соодветни решенија, дискусијата ги опфати и позитивните примери од Европа каде е воспоставена успешна пракса во постапувањето по ваквите проблеми. Во таа насока, се разговараше за важноста на високата општествена свест и системските решенија кои се дискутираат и применуваат во Шпанија, како што е воведувањето на дополнителни слоеви на контрола преку систем со алки за следење на сторителите на насилство со изречена мерка за забрана за приближување. Дополнително, низ призмата на француското искуство и неодамнешниот случај со Жизел Пелико кој ја потресе јавноста, се потенцираше колку ваквите случаи се трауматични за жртвите и како големите судски предмети можат да иницираат суштински промени и поефективни законски решенија во справувањето со родово базираното насилство.

Панел-дискусијата заврши со силна порака дека се неопходни итни краткорочни и долгорочни интервенции за да се затвори празнината помеѓу пријавувањето на случајот и реалната заштита на жртвата на терен. Притоа, јасно беше посочено дека одговорноста за справување со овој проблем ја имаат сите граѓани, а превенцијата започнува од најрана возраст – преку едукацијата во рамките на семејството и образовниот систем. 

За крај, беше нагласено дека овој настан е само почеток од низата настани посветени на родовата еднаквост, кои преку овој национален караван се предвидени да се одржат низ целата држава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни