Норвешка разгледува строго регулирање, а во одредени случаи и забрана на употребата на паметни очила и други носливи уреди со камери, поради растечката загриженост дека оваа технологија може да овозможи масовно и незабележливо следење на луѓето.
Министерката за дигитализација Каријане Тунг најави дека владата сака да најде начин за регулирање на уредите како паметните очила на Meta и Snap, кои комбинираат камери, микрофони, интернет-конекција и сè понапредни функции базирани на вештачка интелигенција.
Особена загриженост предизвикува можноста идните генерации на овие уреди да овозможат препознавање лица и анализа на луѓето околу корисникот, без тие да знаат дека се снимани или обработувани.
„Постои јасен тренд на спојување на вештачката интелигенција со камери и микрофони вградени во очила, слушалки, капи и други предмети што ги користиме секојдневно“, предупреди Тунг.
Според неа, потребно е да се спречи ваквата опрема да се користи за надзор на други луѓе на јавни места.
Не се планира нужно целосна забрана
Иако се зборува и за можноста за забрана, норвешката влада во оваа фаза не се фокусира нужно на целосно забранување на паметните очила.Една од главните идеи е да се ограничат најинвазивните функции, особено оние што овозможуваат препознавање, идентификување или анализа на други лица без нивна согласност.
За да се утврди најсоодветното решение, Тунг планира да формира стручна група која ќе ја советува владата за начините на кои може подобро да се заштитат правата на граѓаните.
Иницијативата веќе ја поздравија и норвешкото тело за заштита на личните податоци Datatilsynet и Советот на потрошувачи. Вториот дури повика трговците привремено да ја прекинат продажбата на паметни очила додека не се воспостави појасна правна рамка.
Европа сè повеќе се соочува со истиот проблем
Норвешка не е единствената европска земја што ја разгледува оваа технологија со претпазливост. Регулаторите и институциите за заштита на личните податоци во повеќе европски земји се соочуваат со прашањето како да се овозможи технолошкиот развој, а истовремено да се заштити приватноста.
Европскиот одбор за заштита на податоците подготвува насоки за паметните очила, додека националните институции во земји како Франција, Германија, Италија и Ирска веќе го разгледуваат влијанието на ваквите уреди.
Во Германија, на пример, се отвори и прашањето дали одредени паметни очила можат да потпаднат под законите што го ограничуваат користењето скриени уреди за снимање.
Ограничувања има и во САД и Азија
Проблемот не е ограничен само на Европа. Во САД и Велика Британија, паметните очила веќе се забранети во одредени простории, меѓу кои и судниците, а ограничувања воведуваат и приватни компании, како ресторани и театри.
Во американските сојузни држави се разгледуваат различни решенија. Дел од предлозите се однесуваат на задолжителен визуелен сигнал кога уредот снима, додека други се насочени кон ограничување на снимањето на места каде што луѓето имаат разумно очекување на приватност. Во Азија, пак, паметните очила отворија и поинаков проблем – мамењето на испити. Во Јужна Кореја и Кина беа заострени правилата поради случаи во кои студентите користеле паметни очила за да добиваат информации за време на тестирање.
Развојот на очилата со вештачка интелигенција така отвора ново регулаторно прашање: кога носливиот уред престанува да биде обичен технолошки додаток и станува алатка за незабележливо снимање и следење на луѓето околу нас? Токму на ова прашање Норвешка сега се обидува да најде одговор, пред технологијата да стане уште пошироко распространета.